Хелсинки со историски резултат: ниту една жртва на патиштата во изминатата година
Хелсинки постигна една од најзначајните урбани победи во Европа – во изминатата година главниот град на Финска не забележал ниту една загуба на живот на патиштата.
Историскиот успех на Хелсинки, град што во изминатата година не забележа ниту една жртва на патиштата, отвора прашања кои не можат да ги избегнеме. Особено не во Скопје, град во кој секојдневниот сообраќај е комбинација од нефункционална инфраструктура, висока брзина, недоволно регулирани пешачки премини и култура во која безбедноста ретко е приоритет.
Финскиот модел е јасен: силни ограничувања на брзина, инфраструктура што ги штити најранливите и политика која ја става безбедноста над удобноста. Во Хелсинки, зоните со 30 км/ч се правило, не исклучок. Пешачките премини се видливи, тротоарите се широки, велосипедските ленти се физички одвоени, а градските власти постојано ги редизајнираат улиците за да ја намалат штетата што може да ја направи човечката грешка.
Во Скопје, реалноста е поинаква. Ограничувањата на брзината постојат само на хартија; во пракса ретко кој ги почитува, а уште поретко се санкционираат. Тротоарите во голем дел од градот се оштетени, зафатени од паркирани возила или целосно непроодни. Премините често се поставени на небезбедни места, без доволно осветлување. Велосипедските ленти се прекинати, импровизирани или споени со тротоарите, што ги става велосипедистите и пешаците во директен конфликт. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, бројот на сообраќајни несреќи со тешки последици во Скопје останува стабилно висок, без значително намалување во последните години. Финска го применува принципот Vision Zero, што претставува идеја дека ниеден живот не смее да биде изгубен на улиците. Скопје, пак, функционира под логика на прифаќање на ризикот како неизбежен дел од секојдневието.
Ваквиот успех отвора и поширока дебата: дали безбедни улици се прашање на култура или на политика? Финскиот пример покажува дека и најпрометните урбани центри можат да станат безбедни ако инфраструктурата е дизајнирана со јасна цел, да го заштити најранливиот учесник во сообраќајот. Овој пример потсетува дека урбаните политики имаат реални, мерливи последици: секоја инвестиција во побавен сообраќај, секоја пречка што ги раздвојува лентите, секој нов премин директно се претвора во спасени животи.



