ФОТО: Најстарата буба во светот, легендата од 1937 година сè уште е на пат
Од еден од првите прототипови на легендарниот автомобил „Фолксваген“ останала само шасијата. Германскиот колекционер поминал осум години враќајќи го во неговата оригинална, возна состојба.
Се верува дека „Бубата Трауго“ на Грундман е најстарата во светот и може да се види во неговиот дом во Хесен Олдендорф. Сопственикот редовно го вози тој автомобил со само 23 коњски сили, воздушно ладен, со мотор на задната страна.
„Ова е возење во најчиста форма, враќање кон основите, така да се каже“, вели Грундман. „И е многу гласна“, додава тој со смеа.
Германскиот центар за технички преглед TÜV потврди дека автомобилот е безбеден до максимална брзина од 100 км/ч, но Грундман признава дека работите стануваат „незгодни“ над 80 км/ч.
Пред сè, внатре е тесно
„Луѓето порано беа помали“, вели ентузијастот. Ова значи дека на секој што е повисок од 180 сантиметри ќе му биде тешко да ги истегне нозете под воланот. Грундман сè уште може да вози, иако мора да се наведнува за да гледа низ шофершајбната.
Автомобилот е изграден во 1937 година како Volkswagen V30, не во фабриката, туку во тогашната инженерска канцеларија на Porsche, со поддршка од Mercedes.
По три таканаречени V-модели, кои повеќе не постојат, ова беше првата серија прототипови – „генерална проба“ за подоцнежниот VW Beetle.
„Овие 30 тест возила беа нарачани од Фердинанд Порше за обемно тестирање на патот и се сметаат за непосредни претходници на подоцнежниот VW Beetle“, соопшти TÜV Nord.
За време на Втората светска војна, прототиповите беа уништени, што е потврдено од фотографиите во посед на Грундман. „Материјалот потоа беше потребен за нешто друго“.
Долниот дел од шасијата број 26 дотогаш поминал околу 56.000 километри и чудесно ја преживеал војната.
Според TÜV, кој го потврди автентичноста на бројот 26, нема докази за други преживеани рамки или каросерии, па затоа овој автомобил сега се смета за најстарата „Буба“ во светот.
На почетокот на 1970-тите, шасијата со број 26 беше повторно откриена во Гминд во австриска Корушка, под друго возило, таканаречено „Кибелвагена“ – воени верзии на „Бубата“. Откако помина низ рацете на разни колекционери, делот на крајот заврши кај ентузијаст за винтиџ возила во Австрија, а во 2003 година дојде во посед на Траугот Грундман.
Осум години реставрација
Грундман, кој е мајстор за кровови по занает и поранешен воен инструктор за летање, работеше осум години за да го реставрира историското возило.
„Кај Буба, речиси сè уште може се да направи со свои раце.“
Каросеријата беше рекреирана со помош на специјализирана фирма, врз основа на цртеж во природна големина направен, според фотографиите и шасијата, од тогашниот главен дизајнер на „Ауди“, а сега „Фолксваген“, Андреас Минт.
„Првичните планови за изградба повеќе не постоеја“, објаснува Грундман.
Многу луѓе учествуваа во реставрацијата, барајќи делови низ целиот свет. Светла, рачки на вратите и бришачи типични за таа ера се пронајдени кај продавачи на делови и колекционери на старински возила во Велика Британија, Франција и Полска. Многу делови не беа направени исклучиво за прототипот, туку беа купени од други производители.
Тешкотии со регистрацијата
Работата на овој автомобил беше и посебен предизвик за експертот за класични автомобили Томас Руш од TÜV: возилото беше изградено пред да стапат во сила германските прописи за регистрација на автомобили во 1938 година.
За регистрација, најважно беше автомобилот да биде технички исправен и безбеден за сообраќај. Беа пронајдени исклучоци за одредени правила, па сообраќајната администрација на крајот го прифати V30 без приговори.



