Фон дер Лајен до Путин: Нема да не’ уништиш, Европа ќе победи!
Рускиот претседател Владимир Путин ја користи енергијата како оружје, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и додаде дека тоа нема да успее.
Таа додаде дека комисијата подготвува мерки кои ќе им помогнат на ранливите домаќинства и бизнисите да се справат со високите цени на енергијата.
Предлозите ќе вклучуваат намалување на потрошувачката на електрична енергија и ограничување на цената на рускиот гас што тече низ гасоводите.
„Со намалувањето на снабдувањето и манипулирањето со нашите енергетски пазари, Путин ја користи енергијата како оружје. Нема да му успее. Европа ќе победи“, напиша претседателката на Комисијата.
Дополнително, ќе предложи приходите од енергетскиот сектор да се користат за помош на ранливите потрошувачи и бизниси и за поддршка на производителите на електрична енергија, кои се соочуваат со тешкотии во обезбедувањето ликвидност поради брзите промени на цените.
Таа со денешниот твит индиректно реагираше на натамошното затворање на гасоводот Северен тек 1, кој на 31 август го затвори рускиот енергетски гигант Газпром. „Газпром“ најпрвин најави дека исклучувањето ќе трае три дена, при што требаше да се изврши редовно одржување на гасоводот, а потоа на 2 септември објави дека при работата е откриен дефект на турбината, па снабдувањето со гас останува укинато.