Фон дер Лаен: Време е Европа да ги земе работите во свои раце
Наградата Карло Велики за услуги за промовирање на европското единство денеска ѝ беше доделена на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, која ја истакна потребата Европа да биде што е можно понезависна.
„Длабоко сум убедена дека историјата нѐ повикува сега. Исто како во 1989 година, кога Европа ја зафатија ветриштата на промените“, рече таа при примањето на наградата.
Фон дер Лаен денеска рече дека Европа треба да ја потврди независноста со поголеми трошоци за одбраната и со внесување на Украина во ЕУ.
„Следната голема ера, нашиот следен голем проект за обединување мора да дојде од независна Европа“, рече таа во германскиот град Ахен во говорот за примањето на наградата Карло Велики за европско обединување. „За да изградиме независна Европа, мора да ги отфрлиме нашите окови“, додаде претседателката на извршното тело на ЕУ додека ја примаше наградата во градското собрание во Ахен.
Таа рече дека ова не значи само за земјите од Европската Унија, туку и за земјите од целиот континент. Поголемата, обединета Европа ќе му даде на континентот поголема тежина во светот и ќе помогне да се намалат зависностите, рече фон дер Лаен, мислејќи на пристапувањето на Украина, Западен Балкан, Молдавија и, „се надеваме“, на Грузија како централна задача, пренесе Политико.
Во контекст на „огромните“ геополитички тензии, рече Фон дер Лајен, „она што некогаш го земавме здраво за готово како меѓународен поредок за многу кратко време се претвори во меѓународен неред“.
Таа додаде дека светот повторно е разбиен од „империјални војни“ и дека затоа Европа мора да дејствува. „Европа се соочува со фундаментална одлука: да почека и потоа да реагира на акутните кризи или да ги преземе работите во свои раце и да одлучи за иднината“, нагласи Фон дер Лаен.
Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека за слободата и за демократијата вреди човек да се „бори и одлучно да ги одбрани“, мислејќи на континуираната поддршка за Украина. „Европската Унија беше успешна како внатрешен мировен проект. Сега мора мировнички да дејствува и надвор“, рече Шолц.
На поголемо европско единство повика и шпанскиот крал Фелипе Шести, кој рече дека поделената Европа е „лесен плен“ за надворешни влијанија.
Наградата Карло Велики од 1950 година им се доделува на поединци што придонеле за европското единство. Доаѓа заедно со сума од еден милион евра, кои победниците вообичаено ги даваат во добротворни цели – оваа година на проект за згрижување на украинските деца.
Наградата е именувана по франкискиот крал Карло Велики, кој обединил голем дел од Западна и Централна Европа под Светото Римско Царство во 9 век.