Финансиската полиција “тресеше” на 8 локации – Ова се деталите
По вчерашните претреси на осум локации во Прилеп обезбедена е целокупна документација за финансиското работење на прилепската болница од 2020 година па до денеска. Сега документацијата ќе се анализира, велат од прилепското Основно јавно обвинителство. Оформен е предмет во фаза на предистрага заедно со Финансовата полиција.
-По претресот кај осомничени лица на осум локации е обезбедена документацијата. Се вршат проверки и на тендерска и на целокупна книговодствена и сметководствена документација. Обезбедена е и електронска и материјална документација како докази, вели основниот јавен обвинител од Прилеп, Стевчо Биноски.
Од Обвинителството, поради предистрагата, не откриваат за колку осомничени лица станува збор, само дека се повеќе.
Претресите на осумте локации во Прилеп и предистражната постапка се поради сомневања за кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување во врска со финансиското работење на општата болница со проширена надлежност од Прилеп, а се анализира документацијата од 2020 година до денеска.
Од Болницата велат дека во моментот работат со деблокирана сметка, а долговите моментално се околу 100 милиони денари што е половината од затекнатата состојба пред повеќе од шест месеци.