Финалето во Лигата на шампионите сезонава за првпат ќе се игра во нов термин
Финалниот натпревар во Лигата на шампионите оваа сезона ќе донесе значајна промена и за првпат нема да се игра во стандардниот вечерен термин од 21:00 часот.
Наместо тоа, двете најдобри екипи од Европа ќе излезат на терен три часа порано, односно со почеток во 18:00 часот.
Од УЕФА ја потврдија одлуката и посочија дека зад неа стојат практични причини. Новиот термин треба да им овозможи на навивачите полесно враќање по натпреварот, но и да донесе економски бенефит за домаќините, бидејќи ќе има повеќе време за прослави.
„Со оваа промена навивачите се во преден план. Финалето во Лигата на шампионите е врвот на сезоната, а пораното одигрување ќе го направи подостапно за пошироката публика. Терминот од 21:00 часот останува посоодветен за натпревари во текот на неделата“, соопштија од УЕФА.



