МакедонијаНајново

УЈП: Истече рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите

Управата за јавни приходи (УЈП) продолжува активно да ги следи потребите и пораките на даночните обврзници и во тековниот циклус на поднесување на ДДВ – 04 пријави и презема активности за оптимизација на системот за поднесување на даночните пријави, информираа денеска од УЈП.

„Во овој период, до 27 јануари 2025 година на полноќ, иако истовремено се вршеше поднесување на месечни и тримесечни ДДВ пријави, сепак резултираше со одличен одзив на континуирано поднесување и без масовни реакции од даночните обврзници за евентуални пречки. Ова покажува даночна одговорност и посветеност на даночните обврзници во исполнувањето на обврските поддржани од напорите на УЈП за оптимизација и ефикасност на системот“, информираа од УЈП.

На полноќ истече рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите, а од вкупно очекуваните 41.531 пријави, поднесени се 39.028, што според УЈП претставува висок процент на исполнетост од 94 отсто.

„Апелираме до сите останати 2.503 даночни обврзници кои не ги поднеле своите ДДВ-04 пријави навремено, да ги достават потребните документи до своите сметководители и во најкраток рок да ги поднесат пријавите, со цел да избегнат камати за задоцнето плаќање. Навременото и точно поднесување на ДДВ пријавите е од суштинско значење не само за исполнување на законските обврски, туку и за забрзување на процесот на поврат на средства за оние кои имаат изразен ДДВ и очекуваат поврат. Овој процес е клучен за подобрување на ликвидноста на компаниите како и поголема оперативност, што директно влијае на финансиската стабилност на домашните компании“, велат од УЈП.

Оттаму велат дека Управата за јавни приходи продолжува кооперативно и во соработка со даночните обврзници да ги усовршува и оптимизира системите вклучувајќи и побрза обработка на податоците, поголема транспарентност во целиот процес и поефикасен поврат на средствата кон даночните обврзници кои ги исполниле законските услови за поврат.

„За сите обврзници кои не ги поднеле пријавите навремено, ќе следуваат постапки согласно со законските овластувања, вклучително и потсетувања и мерки за присилна наплата, ако и по тие потсетувања не ги исполнат своите обврски“, информираа од УЈП.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons