МакедонијаНајново

Уште четворица во притвор, меѓу нив и министерот Салиу, за Сарачини куќен – Ниту една испекција не стапнала во „Пулс“

Четворица одат зад решетки, шест во куќен притвор а за 8 мерки на претпазливост од 19-те ново осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Актуелниот министер без ресор осомничен како директор на ДЗС, Шабан Салиу оди во притвор, додека за ексминистерите за економија Ваљон Сарачини и  Беким Незири им е определ куќен. Дритон Кучи кој исто така се сомничи за периодот додека ја извршувал функцијата министер за економија, се очекува да се врати од Норвешка каде беше амбасадор. Од отворањето до кобниот 16 март ниту еден инспектор не стапнал во кабарето да ги направи потребните контроли, а раководителите на инститциите не презеле ништо во таа насока. Четворица поранешни министри во Економија, тројца државни секретари и шест службеници од истото министерство, се под истрага, затоа што му овозможувале на кабарето да добива лиценци без да ги исполнува минимално-техничките услови за работа. Актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши не е опфатен во истрагата бидејќи газдата на кабарето не иницирал постапка за нова лиценца, а последната е од 2023 година кога министер за економија беше Крешник Бектеши.

  • „Никогаш не било во соодејство со потребните услови за кабаре, туку во суштина објектот, работел како дискотека, што влијаело за бројот на гости кои што требало да бидат присутни. Само ќе ви посочам, картите на гостите, формално биле издавани само до бројот кој може да го прими објектот, односно вечерта биле присутни 650 гости. Ова е во однос на Економија“ рече Љупчо Коцевски – Државен обвинител. 

Сите директори на ДЗС од 2012 до сега се осомничени. За тројца поранешни и еден актуелен директор, генерален инспектор и други службеници  истрагата до сега покажала дека целосно ги запоставиле своите надлежности во однос на безбедноста на објектот. Според Коцевски не правеле контроли, надзори и проценка на ризик, не само во Пулс, туку во ниту еден угостителски објект во Македонија.  За разлика од ДЗС, за раководните структури во Пазарниот инспекторат, односно двајцата осомничени директори, Анета Симеска Димоска и Горан Трајковски, дополнително се утврдува дали и какви надлежности имале.

  • „За двајцата поранешни директори на ДПИ, кои од претходно се истражуваат, проверките продолжуваат пред се поради околноста бидејќи нивниот мандат се поврзува со периодот кога клубот работел со фалсификувана лиценца како и други лиценци кои се проверуваат “ рече Љупчо Коцевски – Државен обвинител. 

Тројцата градежни инспектори, кои се дел од новоосомничените, го знаеле кабарето, но и покрај тоа не провериле како од магацин станал угостителски објект без никакви безбедносни стандарди. Во таа насока се товарат и тројцата последни градоначалници на Кочани. Според обвинителството, до започнување на истражната постапка кривичното дело кое им се става на товар, не е застарено за ниту еден осомничен. Истражните органи постапката ја водат не само за оние кои директно се сомничат за несреќата, туку и за повеќегодишните системски пропусти кои придонеле за настанување на пожарот кој зеде 61 жртва. За пример земале други вакви судски процеси кои ги имало во Романија, САД и Бразил.

Во оваа истрага досега се опфатени вкупно 45 лица, а се очекува да финишира за околу 2 месеци. Паралено втората се води во ОЈО за ГОКК, каде засега се осомичени 7 полициски началници и службеници.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons