Утре блокирани полетувања и слетувања од скопскиот и охридскиот аеродром, контролорите на летање ќе штрајкуваат поради партиски вработувања
Синдикатот на контролори на летање денеска ќе го извести Еуроконтрол дека утре од 11 до 17 часот стапуваат во штрајк. За одлуката, веќе била известена Унијата на синдикати на контролата на летање на Европа.
Тоа значи дека од 11 до 17 часот ни на скопскиот, ни на охридскиот аеродром нема да има полетувања или слетувања на авиони, ниту пак тој период ќе има контрола на летовите над Македонија.
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека одлуката е донесена врз база на апсолутно единство на сите контролори на летање, без оглед на националноста, а зад неа стои и Здружението на контролори на летање.
Иако имаше позитивни сигнали дека се прифатени сите барања на Синдикатот на контролорите од страна на раководството на МНАВ, сепак Синдикатот открил обид за измама од директорот Фахрудин Хамиди.
Во записникот од преговорите со Синдикатот, кој требаше да биде основа за итна изработка на интерен акт, правилник, со сите барања на Синдикатот почнувајќи од стопирањето на партиските вработувања, директорот Фахрудин Хамиди кај вработувањата уфрлил термин „и оперативен персонал“.
„Таков термин не постои. Нема таква дефиниција. Има сменски или несменски персонал, контролори на летање и слично. Ова е двосмислен термин за да се напикаат уште партиски и роднинско-пријателски кадри, дури и додека преговараме за барањата на контролорите на летање. Тајно, зад грб. Дознавме дека за едниот од претходните двајца директори Миѓен Селмани веќе Министерството за финансии дало одобрение за да биде вработен во секторот за финансии во МНАВ, само таа одлука овде се крие. Потоа се знае – преку ноќ ќе го префрлат кај нас во Контрола на летање, за најмалку 500 евра поголема плата. Како што прават со тие што ги вработуваат како чувари. Тука се зборува и дека се чека комисија во Владата утре да даде одобрение за вработување на уште 8-9 души, од кои само четворица биле инженери што не ги спориме“, вели претседателот на Синдикатот.
Тасевски утрово ги демантираше изјавите на директорот Хамиди дека се прифатени барањата на Синдикатот на контролорите и оти е постигната спогодба поради која се става најавениот штрајк за 12.10.2023 година во период од 11ч. до 17ч. во мирување.
„Оваа изјава на претседателот на УО на МНАВ е тотално невистинита и е дезинформирање на јавноста која не само што ги доведува во забуна сите патници кои го планирале своето патување во текот на утрешниот ден, туку ги доведува во забуна и авиокомпаниите, а што дополнително ќе резултира со непотребен хаос поради неможност соодветно да ги испланираат засегнатите летови“, предупредува Тасевски.
Контролорите на летање укажуваат дека во моментот и во УО на М-НАВ владее разединување. Новите двајца директори што го затекнале хаосот, сега се во ситуација да гледаат како повеќегодишниот директор и претседател на УО Фахрудин Хамиди, ги испорачува ветените партиски вработувања.
„Новите двајца директори се поставени во последните 2-3 месеци и го затекнаа хаосот кој е од поодамна, наспроти претседателот на УО на М-НАВ кој продолжува по стариот пат генерирајќи проблеми и за фирмата, но и за новите двајца колеги. Додека едниве ни ветуваат професионализам и подобрување на состојбата во М-НАВ, претседателот на М-НАВ Фахрудин Хамиди, доставува нови барања за вработување на непотребни лица, во служби во кои веќе има превработеност, а сè тоа позади грбот на останатите двајца директори кои на состанокот кој што беше одржан на 09.10.2023 година се изјаснија дека не се запознати со таквите барања за вработување“, тврди Тасевски.
Новите вработувања контролорите ги откриле за време на преговорите, додека Хамиди ветувал професионализам и во иднина вработување само на контролори на летање, инженери и техничари.
Според договорот, требаше првин да се направи студија од странска експертска куќа за тоа какви кадри се потребни во МНАВ и дотогаш да се вработуваат само инженери, контролори и техничари.
„Двајца инженери си дадоа отказ. Уште двајца ќе одат во пензија. Реално овие кадри ни требаат. Плус, ни фалат 30 контролори на летање, за кои веќе требаше да има оглас и обука, како претходните во Данска. Се договоривме додека да не се направи таа студија, да нема вработувања на непотребни кадри. Ако каже студијата дека треба и во човечки ресурси или на други места каде што има пренатрупаност, нека се вработат потоа и такви“, револтиран е Тасевски.