Уставниот суд расправаше по осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободите и правата и два предлози за донесување одлуки
Уставниот суд денеска ја одржа 22. седница на која дискутираше за осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права и два предлози за донесување на одлуки.
Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 141-а од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Подносител на иницијативата, адвокат Љупчо Докузов, во неа наведува дека со оспорените измени неосновано се навлегува во правата и обврските на радиодифузерите и нивната независност, како и на кабелските оператори кои вршат реемитување на националните програмски сервиси, а со тоа и на публиката- потрошувачите, при што со закон се налагаат и предвидуваат задолжителни облигациони односи-склучување на договори помеѓу трговски друштва основани со приватен капитал. Подносителот тврди дека Законодавецот неосновано интервенира/се меша и уредува приватно-правни односи помеѓу трговски друштва, односно на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Се тврди дека со измените државата наредува што мора да гледаат граѓаните, што да реемитуваат кабелските оператори и што да емитуваат телевизиите преку програма мултиплекс итн“, велат од Уставниот суд.
Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 113 во делот „од први јули 2019 година“ од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи на подносителот на иницијативата Игорчо Точев.
Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 20-а став 3 од Законот за технолошки индустриски развојни зони и не поведе постапка за оценување на уставноста на член 19 став 1 во делот „управува“ од Законот за технолошки индустриски развојни зони.
„Според подносителот на иницијативата, Игорчо Точев, определбата дека со Дирекцијата „управува” Управниот одбор е доведена под сомнеж во поглед на усогласеноста со Законот за организацијата и работа на органите на државна управа и член 47 од законот. Во иницијативата се тврди дека се во колизија надлежностите на Управниот одбор и на директорот“, соопштија од Уставниот суд.
Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано осигурување. Подносителот на иницијативата, Игорчо Точев, тврди дека е беспредметно таква норма да постои, бидејќи според него, таа во примената упатува на самата себеси, а според содржината може да доведе до конфузија во примената.
Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03, Блок ССИ 03.07, Општина Бутел и Општина Карпош, Скопје, од 12 октомври 2021 година, Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССЗ 02, Блок 06, Општина Карпош – Скопје од 16 септември 2021 година, Oдлука за донесување на Детален урбанистички план за Блок 9 од градска четврт ССИ 03, Општина Карпош и Општина Чаир од 16 септември 2021 година, Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 06, Блок 3 06.09 Општина Карпош, Скопје од 30 август 2021 година, Одлука за донесување на измена и дополна на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15-Криви Дол, Блок 1, Општина Карпош – Скопје од 15 јули 2021 година, Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03 блок 02, Општина Карпош и Општина Бутел, Скопје од 09 април 2021 година и Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 304, Блок 04.02 Општина Карпош – Скопје од 12 ноември 2020 година.
„Подносителите на иницијативата, Невена Георгиева и Татјана Чакулев, во иницијативата меѓу другото наведуваат дека со оспорените одредби се повредени член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот и членовите 5 и 34 од Законот за локална самоуправа. Подносителките тврдат дека Димитар Оровчанец, член на Советот на Општина Карпош, на 3 октомври 2020 година станал жител на Општина Кисела Вода, со што согласно член 46 став 1 алинеја 6 од Законот за локалната самоуправа му престанува мандатот како советник. Се наведува дека во периодот од 3 октомври 2020 година до 15 октомври 2021 година, Советот на Општина Карпош работел со незаконски број на членови“, информираа од Уставниот суд.
Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување правила во урбанистичкото планирање и спроведување на параметри во рамки на дефинирана градежна парцела за реализација и спроведување на урбанистички план од 12 јуни 2024 година, донесена од Советот на Општина Тетово.
„Подносителот на иницијативата Даријан Сотировски, смета дека Одлуката го повредува начелото на правна сигурност на граѓаните, бидејќи, меѓу другото Советот на Општината донел Одлука која разработува прашања кои треба да бидат уредени со Закон за урбанистичко планирање, па на тој начин се вели дека од 1 јули 2024 година локалната самоуправа ќе се придржува до „новите” правила во процесот на урбанистичкото планирање кои се однесуваат посебно на изградбата и одобренијата за градба во зони на индивидуално домување. Според наводите, не може да стане збор за „нови” правила, бидејќи конкретните правни прашања се регулирани со Закон врз кој што е основан ДУП на конкретни подрачја“, се наведува во соопштението на Уставниот суд.
Судот не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 32 од дел III од Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2025 од 4 февруари 2025 година. Судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на точка 35 од дел III од Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2024 од 16 јануари 2024 година.
„Подносителот Игорчо Точев, смета дека е спорно исплаќањето на годишните програми кои се однесуваат за минати години, а се предвидени во Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2024 година. Подносителот посочува дека исплатата на средства по тој основ може да се врши единствено на годината за која се носи Планот, па затоа оспорената одредба може да доведе до заблуда околу исплаќањето, што е во псротивност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок“, неведуваат од Уставниот суд.
Судот ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на Соопштението од 10 јуни 2024 година, донесено од страна на претседателот на Стоматолошка комора на Македонија
„Подносителот на иницијативата, Жарко Ѓорѓиев, претседател на Здружението на приватни стоматолози, тврди дека претседателот на Стоматолошката комора на Македонија со соопштение ги повикува заинтересираните за стручно усовршување на докторите стоматолози да достават барање и според него тоа претставува јавен повик кој е општо обврзувачки акт за подносителите на барања, односно акт кој претседателот на Комората нема право да го донесе. Се наведува дека Соопштението не е во согласност со членот 262 од Законот за здравствена заштита, како и со членот 25 од Правилникот за стручно усовршување на Комората“, велат од Уставниот суд.
Судот го одби барањето на У.Н. и други од Прилеп, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност.
Судот го отфрли барањето на Александар Насковски од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на работен статус, заштита на правото на слободно изразување, правото на мирно собирање и изразување на јавен протест. Оспорен акт е Договор за продолжување на договорот за работа на определено време на професоналниот војник на служба во Армијата 27 мај 2024 година.
Судот го поништи член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци.
Судот ја укина Одлуката за донесување на предлог-деталниот урбанистички план за населба Девеана УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, за плански период 2018- 2023(1ха) – Општина Кичево.