МакедонијаНајново

Уставниот суд го забрани здружението „Радко“, институционален молк за регистрацијата на клубот „Ванчо Михајлов“ 

Псевдонимот на Ванчо Михајлов бил Радко. Во Македониja има две здруженија кои ги носат името и псевдонимот на овој докажан соработник на Хитлеровиот нацистички режим. Уставниот суд во 2001 година ја укина регистрацијата на „Радко“, а во март 2019 година регистриран е културниот клуб „Ванчо Михајлов“.

Во 2000 година во Основниот суд во Охрид се регистрира здружението „Радко“ со отворена програмска непријателска определба за продолжување на терористичката и профашистичка дејност на Ванчо Михајлов.

Регистрацијата на ова здружение беше оспорена од двајца адвокати, една од нив беше Јагнула Куновска, кои ги оспорија основачките акти на здружението на граѓани „Радко“ како спротивни на Уставот на Република Македонија затоа што во нив се „пропагира дејствување со сите можни средства на Ванчовата идеологија за промена на националната свест на македонскиот народ, во полза на туѓа национална свест, нешто што значи урување на македонското национално ткиво и поттикнување и разгорување на националната омраза и нетрпеливост во државата. Здружението го рехабилитира и го легализира тероризмот и фашизмот, кои беа најсуштествена карактеристика на дејноста на Хитлеровиот соработник Ванчо Михајлов, како ‘свето ослободително дело…’ кое со завештение им го остави на некои да го довршат. Таквото воскреснување на неофашизмот, Европа не го прифаќа“.

Уставниот суд на Република Македонија на 21 март 2001 години ги поништи Програмата за работа и Статутот на здружението на граѓани „Радко“ како противуставни затоа што се „насочени кон насилно уривање на државниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, односно негирање на неговата самобитност и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост“.

 Адвокати на „Радко“ поднесуваат тужба против Република Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и на 15 јануари 2009 година добиваат позитивен одговор од судот дека со забраната била прекршена Европската конвенција за човекови права и правото на здружување. Сепак, Централниот регистар на Република Македонија го одбива барањето за регистрација со старото образложение на Уставниот суд.

Во Законот за здруженија и фондации пишува дека „се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“.

Вчерашното отворање на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола предизвика бурни реакции во македонската јавност. Партии, политичари, здруженија, експерти сметаат дека во Македонија не смеело да биде регистрирано здружение со име на докажан фашистички соработник и човек кој смета дека Македонците се Бугари. Но, со одговорот на клубот на овие реакции, повторно се отвора прашањето за тоа кој и како ја дозволил регистрацијата и на ова здружение. Имено, вчера клубот „Ванчо Михајлов“ соопшти дека „историскиот лик Ванчо Михајлов е продолжувач на делото на Гоце Делчев и Даме Груев… Како што Путин го создаде Донбас, така Тито ја создаде Македонија, нашата окупирана татковина… Југословенската сатрапија во нашата Македонија (сега ‘Северна’) го дефинираат како фашизам неизбежното враќање на бугарскиот идентитет во Битола, Охрид, Велес, Штип… во сета наша напатена Македонија“, пишува меѓу другото во реакцијата на културниот центар „Ванчо Михајлов“.

mkd.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons