Уапсен министерот за безбедност на Босна и Херцеговина
Уапсен е Ненад Нешиќ, министер за безбедност во Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ), потврдија од Обвинителството на БиХ.
Нешиќ е приведен во истрага што заеднички ја воделе Државното обвинителство и Управата за организиран криминал на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, соопшти Обвинителството.
Покрај Нешиќ, денес се уапсени и Милан Дакиќ, директор на Јавното претпријатие „Путеви РС“, Младен Лучиќ, брат на поранешниот министер во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Милош Лучиќ и уште четири лица.
Тие се сомничат дека извршиле кривични дела како управители во „Путеви РС“ и неименувана фирма: здружување за извршување кривични дела, перење пари, злоупотреба на службената положба или овластувањата и примање поткуп.
Нешиќ беше министер за безбедност на БиХ од 2022 година, а директор на „Путеви РС“ беше од 2016 до 2020 година.
Во ноември 2020 година, против Нешиќ беше поднесена пријава до Окружното јавно обвинителство во Бања Лука поради сомневање дека ја злоупотребил својата положба како одговорно лице.
Наведоа дека ги прекршил одредбите од Законот за јавни набавки на Босна и Херцеговина и дека на крај остварил финансиска корист за фирмата „Приједорпутеви“ од речиси 8,5 милиони евра.
Нешиќ во моментов е претседател на партијата Демократски народен сојуз, кој е во коалиција заедно со Алијансата на независни социјалдемократи на Милорад Додик.
Додик, кој ја извршува функцијата претседател на РС, на мрежата Икс објави дека тоа е „неприфатлива постапка“ и дека станува збор за „прогон на кадри“ од тој БХ-ентитет.