Уапсени шестмина осомничени за планирање насилна промена на власта во Србија
Министерството за внатрешни работи на Србија вечерва соопшти дека полицијата на неколку места уапсила шест лица под сомнеж дека сториле кривично дело „подготовка на дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија“, а во врска со кривично дело „повикување на насилна промена на уставниот поредок“.
По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, тие се уапсени во соработка со министерството за внатрешни работи во Белград и полициските управи во Ужице, Чачак и Крагуевац, како и Безбедносно-информативната агенција.
Уапсени се И.М. (48), Н.А. (47), В.К. (55), А.И. (49), С.Г. (52) и Б.М. (57) кои се осомничени дека се сретнале во хотел во Краљево во сабота, 21 јуни, „за да испланираат насилна промена на власта во Србија и да организираат напади врз претставници на државните институции“, тврди српската полиција.
Министерството за внатрешни работи изјави дека постои сомневање дека се договориле за „физички напади врз припадници на полицијата со цел нивно разоружување, насилни упади во зградата на владата на Србија и други институции“, како и на Радиотелевизија на Србија, телевизиските станици Хепи и Информер, „со најава дека ќе употребат огнено оружје“.
Во соопштението пишува дека против И.М. ќе биде поднесена и кривична пријава поради сомнение за нелегално производство, поседување, носење и трговија со огнено оружје и експлозивни направи.
Министерството за внатрешни работи на Србија извести дека полицијата во автомобил „шкода“ кој И.М. го управувал на пат кон Пожега, нашла пиштол со иструган сериски број и шаржер со седум куршуми кои нелегално ги поседувал.
Се додава дека е пронајдена и фабричка кутија со 25 парчиња муниција.
Во соопштението се наведува дека кај уапсениот В.К. е пронајден самострел.
Осомничените се приведени до 48 часа и ќе бидат однесени во Обвинителството.
Претреси се во тек на неколку места на територијата на Србија, а полицијата, во соработка со надлежните органи, продолжува да работи на овој случај, пишува српската полиција.
Високото јавно обвинителство во Белград попладнево објави дека се уапсени три лица, осомничени за планирање на „насилна промена на власта во Србија“ на состанок во хотел во Краљево на 21 јуни. Обвинителството изјави дека станува збор за И.М., Н.А. и Б.М., кои се осомничени за сторено кривично дело подготовка на кривично дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија.
Адвокатот Иван Ниниќ претходно објави на социјалната мрежа Икс дека претресот на семејната куќа на поранешниот претседател на Воениот сојуз на Србија, Новица Антиќ, во Крагуевац е во тек бидејќи тој во саботата со други ветерани „како и секогаш до сега, требало да дојде во Белград на протест“.
Ниниќ изјави дека Вишиот суд во Крагуевац „фиктивно навел“ како основа за претресот на куќата на Антиќ, дека тој повикувал на насилна промена на уставниот поредок и подготвува акт против уставниот поредок и безбедноста на Србија.
Порталот Нова објави дека еден од уапсените е пензиониран капетан од прва класа, Бранко Момчиловиќ Мајкан, ветеран од војните во Словенија, Хрватска и Косово.