Уапсени двајца полицајци за филмскиот грабеж на 18 килограми златен накит во Гостивар
МВР објави дека уапсени се двајца полициски службеници осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, кога во вооружен филмски грабеж беа одземени 18 килограми златен накит минатиот месец. Се трага и по други лица, поднесена кривична пријава.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање.
Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато“,извести министерството.



