Свет

Туск во посета на Киев: Најважна е поддршката за Украина 

Полскиот премиер Доналд Туск за време на неговата денешна посета на Киев изјави дека нема ништо поважно од поддршката на Украина во нејзините воени напори против Русија.

Туск денеска отпатува за главниот град на Украина за да разговара со претседателот Володимир Зеленски како Полска може да продолжи да го поддржува Киев во борбата против руската инвазија и да го реши спорот меѓу двете земји околу испораката и транспортот на жито.

Полскиот премиер нагласи дека земјите, иако имале одреден „конфликт на интереси“, ќе работат „пријателски на решавање на сите разлики што е можно поскоро“, соопшти неговиот кабинет.

– За мене е многу важно да изградам чувство дека Полска е најсигурниот, стабилен сојузник на Украина во овој смртоносен судир со злото, рече полскиот политичар.

Туск се врати на чело на полската влада во декември, по изборите во октомври со кои беше соборена десничарската националистичка партија Право и Правда (ПиС) по осум години на власт. Тој вети дека ќе ја продолжи тековната поддршка на Полска за нејзиниот источен сосед по руската инвазија во февруари 2022 година.

Ова е негово прво патување во земјата разорена од војна откако се врати како шеф на влада на земја, која е меѓу најверните поддржувачи на Украина во ЕУ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons