Турција со авиони, хеликоптери и дронови го нападна Ирак
Турски воени авиони, хеликоптери и беспилотни летала погодија курдски воени цели, кампови, тунели, засолништа и складишта за муниција во северен Ирак, изјави министерот за одбрана Хулуси Акар за државната новинска агенција Анадолу.
„Засега нашата операција продолжува успешно според планираното и вклучува и ангажман на командоси. Целите се идентификувани и окупирани во првата фаза“, рече тој, но не даде информации за жртви во операцијата. Операцијата наречена „Стиснување на канџите“ има за цел да спречи терористички напади, да ја зајакне граничната безбедност и е поддржана од артилеријата, додаде Акар.
Офанзивата е дел од кампањата на Турција во Ирак и Сирија против милитантите на Курдската работничка партија (ПКК) и милициите на сириските Курди кои Анкара ги смета за терористички.