Тркалезните маси во кафулињата не се случајност: што откри едно ново истражување
Откриен е едноставен дизајнерски трик што многу барови, кафулиња и пабови наводно го користат за да ве охрабрат да останете подолго и да трошите повеќе пари. Иако Светската здравствена организација тврди дека не постои безбедно ниво на консумирање алкохол, умереното пиење често се смета за општествено прифатливо, а сопствениците на пабови се чини дека знаат како да го искористат тоа. Клучот, според ново истражување, се крие во обликот на масите на кои седите, пренесува Фуд бајбл.
Истражување нарачано од компанијата „Мој мебел“ сугерира дека ако седите на тркалезна маса, веројатно ќе поминете дури 42 минути повеќе во кафуле. Димитриос Папас, вработен во компанијата, објаснува дека тркалезните маси природно поттикнуваат разговор и чувство на вклученост. „Кафулињата се првенствено социјални простори, а тркалезните маси совршено го поддржуваат тоа“, рече тој.
Според него, ваквите маси потсвесно сигнализираат еднаквост бидејќи никој не седи на чело на масата, што ги прави луѓето порелаксирани. „Од деловна перспектива, таа удобност е навистина важна. Кога луѓето се чувствуваат опуштено и вклучено, обично остануваат подолго, нарачуваат уште една тура и повеќе уживаат во искуството. Тоа е мал дизајнерски детаљ, но може да има големо влијание и врз атмосферата и врз приходите“, објасни Папас.
Истражувањето, исто така, покажа дека групите што седат на тркалезни маси имаат 23 проценти поголема веројатност да нарачаат дополнителни заеднички рунди пијалаци. Бидејќи сите се свртени еден кон друг, полесно е да се одржи разговор и да се воспостави контакт со очите, што поттикнува чувство на поврзаност.



