Трикафта во декември за уште најмалку 30 пациенти со цистична фиброза
Најмалку 30-тина пациенти со цистична фиброза во декември ќе добијат трикафта. Сител дознава дека набавката веќе е направена и од парите кои беа одобрени ќе има лек за неколку месеци.
Според неофицијални информации здравствените власти прават план за посебна програма и буџет и во 2024 современата терапија да ја имаат сите согласно критериумите веќе објавени во Службен весник. Од Асоцијацијата за цистична фиброза по ваквите вести велат дека одат на победа, но битката се уште не е извојувана.
– Знаеме неофицијално од компанијата дека веќе е направена нарачка и ќе стигне поголема количина од лекот. Чекаме институциите да кажат за колкава бројка е нарачаната терапија за да не шпекулираме и да не ставаме никого во неизвесност. Како и досега ние инсистираме сите да бидат покриени со терапијата, но сметам дека ова е добар правец по кој се движиме сега за сега, вели Фики Гаспар од Асоцијација за цистична фиброза.
Гаспар е еден од 12-те пациенти кој веќе 10 месеци е на трикафта и вели заборавил на кислородната поддршка која била негово секојдневие, но и честите хоспитализации во болница. На денешниот Меѓународен ден на лицата со цистична фиброза апелираше дека современата терапија е тоа што им треба на сите со цистична фиброза.
– Сигурен сум дека видоа дека сите 12 се во многу подобра состојба да не речам одлична, мислам дека е доволно да се покаже дека ова е тоа што треба да се заврши, вели Гаспар.
Лекот трикафта за прв пат стигна во земјата во март откако претходно пациентите со цистична фиброза протестираа, а Благојче Илиевски почина и не дочека да добие од современата терапија.