Трет натпревар и трет пораз – ракометарките испуштија победа на гости во Белгија
Женската ракометна репрезентација на Македонија продолжува со разочарувачката серија во квалификациите за Европското првенство, откако вечерва го претрпе и третиот пораз. Нашите ракометарки неочекувано загубија на гостувањето кај селекцијата на Белгија со тесни 26-25, во меч кој до самиот крај беше неизвесен.
Избраничките на македонскиот селектор имаа солидно прво полувреме. Во неколку наврати стигнаа и до плус три и делуваше дека го диктираат темпото на играта. Сепак, домаќинките не дозволија резултатска дистанца и на одмор заминаа со минимална негатива (14-15).
Слична слика и по паузата. Македонија повторно подобро го отвори вториот дел и ја имаше контролата, но белгиската клупа навреме реагираше со тактички измени што донесоа пресврт. Во завршницата, Белгијките успеаја да израмнат, а потоа и да поведат со 25-24 на три минути пред крајот. До последниот свиреж беше вистинска драма, но се постигна само по еден гол на двете страни, а нашата селекција не го реализираше последниот напад за реми, по што следеше славје на домашниот состав за конечни 26-25.
Во македонскиот табор најрасположена беше Јована Кипријановска со седум погодоци, додека кај победничката репрезентација блесна Мунија Смитс со дури 11 гола, за која нашата одбрана немаше решение.
Со овој пораз, шансите за пласман дополнително се искомплицираа, бидејќи го запишавме третиот пораз во исто толку натпревари. Следниот предизвика за ракометарките е одново натпревар против Белгија за три дена, тој дуел ќе го играме на домашен терен во Куманово.



