Тревога во Црвеното Море: Нападнат брод, се зголемуваат стравувањата од ескалација
Брод во Црвеното Море покрај брегот на Јемен е нападнат, кон него било истрелано огнено оружје и ракетни гранати, пренесува Асошиејтед прес.
Нападот се случи во услови на зголемени тензии во регионот поради војната меѓу Израел и Хамас и по војната меѓу Иран и Израел и американските воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки.
„Не е познато кој стои зад нападот и никој сè уште не ја презел одговорноста. Според британското воено тело, УКМТО, вооружениот безбедносен тим на бродот возвратил со оган, ситуацијата сè уште е во тек. Властите спроведуваат истрага“, се вели во кусото соопштение.
Јеменските бунтовници Хути, кои се поддржани од Иран, редовно вршат ракетни и беспилотни напади врз комерцијални и воени бродови во регионот од крајот на 2023 година. Тие тврдат дека овие напади се дел од „одговорот на израелската офанзива во Појасот Газа“.
Од ноември 2023 до јануари 2025 година, Хутите нападнаа повеќе од 100 трговски бродови, потопувајќи два и убивајќи четворица морнари, драстично намалувајќи го сообраќајот низ Црвеното Море, кое годишно превезува стока во вредност од околу трилион долари.
По самопрогласениот прекин на огнот, Хутите ги прекинаа нападите врз бродовите до средината на март, кога САД започнаа масовни воздушни напади врз позициите на бунтовниците. После тоа, бродовите повеќе не беа цел, но Хутите продолжија со повремени ракетни напади врз Израел.
Во позадина на нападот е децениската граѓанска војна во Јемен, во која Хутите се во конфликт со меѓународно признатата влада на Јемен, која е поддржана од коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Конфликтот во моментов е во застој без видливо политичко решение.
Сомалиските пирати, исто така, повремено дејствуваат во регионот во последниве години, главно напаѓајќи бродови за да ограбат или киднапираат членови на екипажот за откуп.