Свет

Трамп: Тие го нарекуваат војна, ние го нарекуваме воена операција

Претседателот на САД Доналд Трамп го нарече лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, „палестински лидер“.

Трамп ги даде овие забелешки за време на посетата на Мемфис, Тенеси, каде што учествуваше на тркалезната маса за работата на „Мемфис сејф таск форс“ со министерот за одбрана Пит Хегсет и државната обвинителка Пам Бонди.

„Демократите ја ставаат нашата земја во голем ризик во овој период, во период што тие го нарекуваат војна. Тие го нарекуваат војна, ние го нарекуваме воена операција. Нивните лидери во моментов се, како што знаете, како и да сакате да го наречете, во некој свој свет“, рече Трамп.

„Шумер е готов, тој е Палестинец. Треба да се бори на страната на Палестина. Тој всушност стана палестински лидер“, рече Трамп за Шумер, кој е Евреин.

„Никогаш не сум видел човек кој толку многу се променил. Порано беше за Израел, а сега е за Палестина. Никогаш не сум видел нешто слично. Се грижи дека ќе изгуби на следните избори, а тоа ќе зависи само од тоа дали некој ќе се кандидира против него. Ако некој се кандидира против него, ќе изгуби. Тој е целосно пореметен и многу опасен за нашата земја“, рече тој.

Шумер, во говор во Сенатот, предупреди дека војната со Иран нема јасно дефинирани цели. „Војната на Трамп со Иран сега влегува во својата четврта недела и нема крај на повидок. Наместо да му даде на американскиот народ јасен план за тоа како понатаму, претседателот на Соединетите Американски Држави, врховниот командант, за жал, сè уште беспомошно талка“, рече тој.

„Во текот на викендот, Доналд Трамп се закани дека ќе ја уништи главната енергетска инфраструктура на Иран ако Иран не седне на преговарачка маса. А потоа, по сето тоа фалење и сите тие закани, се повлече и одеднаш тврдеше дека постојат големи области на сложување со режимот, иако Иран жестоко го негира тоа, и дека нема дипломатски преговори“, предупреди тој.

„Што се случува овде? Ова не е лидерство од врховниот командант. Тој е или збунет, или лаже, или и двете. И тоа секогаш се случува. Што и да му падне на ум во моментот додека зборува, а потоа два часа или два дена подоцна, ако му падне на памет сосема спротивна мисла, тој ја кажува таа друга мисла. Тоа не е начин на кој се решаваат нашите проблеми. Тоа не е начин да го натераме Иран да го направи она што сакаме“, додаде тој.

„За многумина, сигурно изгледа како човек што се превртува во агонија. Пред еден месец, националната просечна цена на бензинот беше околу 2,93 долари за галон. Денес е околу 3,94 долари, што е зголемување од околу еден долар за само еден месец. Кој е виновен? Доналд Трамп. А ова зголемување на цените на горивата е еден од најострите месечни скокови што Американците ги виделе од инвазијата на Путин врз Украина“, нагласи тој.

„Цените паѓаа. Потоа Трамп започна војна што повеќето Американци не ја сакаа и цените повторно скокнаа. Доста е. Републиканците во Сенатот мора да одржат сослушувања и да ги доведат членовите на владата под заклетва да објаснат што точно се случува во Иран. Ни треба одговорност. Ни треба транспарентност. Но, повеќе од сè, ни треба стратегија и излезна опција, нешто што опасно ѝ недостасува на Трамповата војна со Иран“, тврди тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons