Трамп номиниран за Нобелова награда за мир по примирјето меѓу Иран и Израел
Член на Претставничкиот дом го номинираше претседателот Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, откако тој посредуваше во постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Иран, пренесува Фокс њуз.
Претставникот Бади Картер од Џорџија му пиша на Нобеловиот комитет дека Трамп одиграл „извонредна и историска улога“ во завршувањето на „вооружениот конфликт меѓу Израел и Иран и во спречувањето на најголемиот светски спонзор на тероризмот да се здобие со најсмртоносното оружје на планетата“.
Трамп прогласи крај на „12-дневната војна“ доцна вчера, прекинот на огнот стапи на сила утрово. Со тоа заврши конфликтот што траеше нешто повеќе од една недела, откако Израел прв го започна нападот врз Иран, тврдејќи дека Техеран е опасно блиску до стекнување нуклеарно оружје.
„Влијанието на претседателот Трамп беше клучно за постигнување брз договор за кој многумина веруваа дека е невозможен. Трамп, исто така, презеде смели и решителни чекори за да ги запре нуклеарните амбиции на Иран и да осигури дека најголемиот државен спонзор на тероризмот во светот не може да се здобие со нуклеарно оружје“, напиша Картер во своето писмо.
Картер рече дека лидерството на Трамп за време на кризата „ги отелотворува токму идеалите што Нобеловата награда за мир се стреми да ги признае: стремежот кон мир, спречувањето на војната и промовирањето на меѓународната хармонија. Во регион обележан со историски непријателства и политичка нестабилност, таков пробив бара и храброст и јасност“.
Номинацијата на Трамп доаѓа во време кога мирот на Блискиот Исток останува кревок, а само неколку часа по потпишувањето на прекинот на огнот, Израел го обвини Иран за негово кршење, што Техеран го негираше.
Пакистан пред три дена објави на социјалната мрежа Икс дека американскиот претседател Доналд Трамп треба да ја добие Нобеловата награда за мир во 2026 година „како признание за неговата решителна дипломатска интервенција и клучна лидерска улога за време на неодамнешната криза меѓу Индија и Пакистан“.
Трамп долго време тврди дека одиграл клучна улога во смирувањето на конфликтот, и покрај упорните негирања од индиските власти.