Томовски: Во план е изградба на втор дел жичница од Капиштец до врвот на Водно, заживување на комплексот „Македонско село“, конечна доградба на двата факултета
„Македонско село од 2019-та година до сега не функционира и по основ на тоа што не работи, дел по основ на ненаплатена кирија, дел по основ на обезбедување и осигурување на објектот ние како држава сме изгубиле нешто повеќе од 20 милиони денари“, истакна членот на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ и директорот на Служба за општи и заеднички работи во Влада Ивица Томовски во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Томовски продолжи и додаде:
„Првиот пат кога кажав дека сакам да заживее селото можам да кажам дека има премногу заинтересирани, ако нему не му се исплатело, зошто би имало сега повеќе луѓе кои се заинтересирани да стопанисуваат со тој објект. Практично тој комплекс има некојси 12 засебни куќички со капацитет од 120-150 места за сместување, три ресторани, односно два ресторани и еден винотека или кафе бар. Сметам дека може да е профитабилен комплексот и затоа е таква заинтересираноста“, вели Томовски.
Томовски истакна дека почетната сума за селото би била 240 милиони денари.
„Ние направивме проценка на тој имот и нема да го издадеме како јавно приватно партнерство како што било во минатото да ние дел одржуваме, дел одржува економскиот оператор, практично му даваме клуч на економскиот оператор со нашата замисла и тој стопанисува комплетно и целосно со тој објект. Според бирото за проценка почетната сума би била 240 милиони денари каде после тоа зависно од конкуренцијата може да се наддава таа сума“, посочи Томовски.
Томовски продолжи и додаде:
„За жичницата делот кој е од Средно Водно до врв е во надлежност на Град Скопје односно ЈСП, оној втор дел кој треба да се изгради проектот е преку министерство за транспорт и врски и тој проект треба да биде од „Св. Јован“ во Капиштец до средно Водно и така го поврзувате градот со врв и средно Водно“, укажа Томовски.
Томовски потенцираше дека имаат идеја да се направи подземен паркинг крши Нова Македонија и со тоа да се добие паркинг, зеленило и трансфер со мини бус.
„Она што ние го имаме како идеја и ќе го разговараме со премиерот и соодветните институции кои треба да помогнат во реализација на овој проект е практично кај платото спроти Нова Македонија, паркингот кај Цветен пазар да направиме некакво јавно приватно партнерство или како држава да направиме подземен паркинг и тој моментален паркинг тука да стане зеленило, така добиваме и паркинг и зеленило. Ние како држава да земеме две или едно возило мини бус кој ќе прави трансфер од Нова Македонија до почетокот на жичницата кај „Св. Јован“ и секој оној кој ќе има намера да може да се паркира тука во паркингот кој би чинел 30 денари наместо 100 денари, да се качи на жичница, да се качи горе и на средно Водно да има уште еден мини бус кој би гравитирал средно Водно, Македонско село, Пантелејмон така ќе го заживееме и манастирот и комплексот Македонско село“, посочи Томовски.
Томовски во однос на неизградените два објекти на кампусот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ истакна дека за многу брзо во јавност ќе може да кажат до каде е реализиран тој проект, што понатака и колку би чинел новиот објект.
„Имав состанок со министерката Весна Јаневска начелно договоривме дека ќе формираме една заедничка работна група која ќе направи пресек на моменталната изведба односно до каде сега е стигнат проектот што и како е возможно да се направат измени на тој проект бидејќи е предвидена барокна фасада, а не би сакале да имаме барок, прво многу е поскап, второ факултет како ФИНКИ не би требало да има барокна фасада напротив модерна фасада. Од минатиот петок ги отпочнавме првичните состаноци и за многу брзо во јавноста ќе можеме да кажеме до каде е реализиран тој проект, колку би чинел новиот и што понатака со тие два објекти и можеби заедно со МОН би ги работеле до нивно целосно реализирање“, заклучи Томовски.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ