Тито Петковски заминува, двајца кандидати за лидер на НСДП
Доста е, ако е за аир. Мислам дека на партијата ѝ треба нова енергија и луѓе што ќе може да комуницираат со многу повеќе мотив за претставување на НСДП – ни рече Петковски.
Потпретседателот на партијата Горан Мисовски и организацискиот секретар Кристијан Трајковски влегуваат во трка за нов лидер на Новата социјалдемократска партија, откако Тито Петковски на Централниот одбор најавил дека се повлекува од функцијата претседател на партијата, потврдија за „Слободен печат“ претендентите на „престолот“. Кој од нив ќе ја предводи партијата, ќе се знае на петтиот партиски конгрес закажан за 4 јуни.
Покрај партиските функции, Мисовски е актуелен потпретседател на Собранието, а Трајковски е директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Се очекува дека тие ќе бидат предложени од општинските организации, ако не, тогаш може да се самокандидираат, како што предвидува и партискиот Статут.
– Доста е, ако е за аир. На состанокот најавив дека ќе се повлечам од претседател на партијата. Мислам дека на партијата ѝ треба нова енергија и луѓе што ќе може да комуницираат со многу повеќе мотив за претставување на НСДП – ни изјави Петковски, кој е 17 години на чело на партијата.
На конгресот освен претседател на партијата ќе се избираат членови на централниот и на надзорниот одбор, и тројца потпретседатели и секретари.
Веќе од следната недела се очекува општинските организации да излезат со кандидатури, по што и официјално ќе почне лидерската трка.
– Отворена е постапка за да се предложат кандидати за претседател на партијата и за делегати на петтиот конгрес. Очекувам општинските организации да ме предложат за претседател, иако Статутот дава можност и за самокандидирање – вели Трајковски.
Петковски по долгогодишно членство во СДСМ, во 2005 година ја основа НСДП и оттогаш е на чело на паријата. НСДП на изборите во 2006 година беше клучна за формирање на владата на Никола Груевски, но по две години на предвремените парламентарни избори ја расипаа дружбата со ВМРО-ДПМНЕ и оттогаш дејствува опозициски сѐ до изборите во 2016 година кога по масовните протести и „Шарената револуција“ во коалиција со СДСМ доаѓа на власт. Петковски бил пратеник во сите парламентарни состави од осамостојувањето на Македонија до 2014 година, откако по „црниот понеделник“ на 24 декември 2012 година одби да биде на листата за пратеници.
Петковски беше потпретседател на Собранието во првиот парламентарен состав, а од 6 март 1996 година до третите парламентарни избори во 1998 година и претседател на Собранието. Во 1999 година беше кандидат за претседател на државата, во вториот круг влезе со огромен број гласови предност, но сепак на изборите победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Трајковски.