МакедонијаНајново

Таксистите и превозниците да издаваат фискални сметки, УЈП најавува контроли 

Управата за јавни приходи ги информира сите вршители на авто-такси превоз на патници дека во наредниот период ќе се спроведуваат засилени контроли со посебен акцент на издавањето фискални сметки и почитувањето на одредбите од Законот за регистрирање на готовински плаќања.

Како што информираат во УЈП, контролите ќе се спроведуваат во соработка со други надлежни институции низ целата држава, посебно во туристичките региони, каде што во летниот период е зголемена фреквенцијата на патници и активноста на авто-такси превозниците.

„Даночните обврзници кои вршат авто-такси превоз должни се да користат мобилни фискални апарати со интегриран ГПРС уред, да го регистрираат остварениот промет во фискалниот апарат, да издаваат фискална сметка за секоја услуга во готовински промет, да го евидентираат прометот во книгата на дневни финансиски извештаи, за секоја фискална каса поединечно, да го уплатат дневниот промет на трансакциска сметка кај носителот на платен промет најдоцна наредниот работен ден, да имаат јасно и видно истакнато соопштение за задолжително барање на фискална сметка од страна на корисниците на услугата“, се наведува во соопштението на УЈП.

Оттаму додаваат дека ако граѓаните имаат сознанија за неправилности поврзани со авто-такси превозот или неиздавање фискални сметки во која било дејност, треба да ги пријават на бројот 198 или на е-пошта info@ujp.gov.mk.

„Апелираме до сите авто-такси превозници, како и до сите даночни обврзници, да постапуваат согласно законските прописи, со цел зајакнување на даночната усогласеност и подобрување на даночната дисциплина. Почитувањето на обврската за издавање фискални сметки и користење мобилни фискални апарати не е само законска обврска – тоа е придонес кон правично, транспарентно и фер работење на сите економски чинители. УЈП останува посветена на спроведување на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници. Почитувањето на законските обврски е заедничка одговорност и темел на функционален и праведен даночен систем“, се вели во соопштението.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons