МакедонијаНајново

Таксистите бараат да се стават камери во сите регистрирани возила 

Прво треба да се направат измени во некои закони, а потоа задолжително да се монтираат камери на секоја зграда, училишта, градинки, институции и во сите регистрирани возила на територија на Македонија кои ќе снимаат надвор од возилото и снимките ќе се прифатат како дел од доказен материјал. Ова го бара Групација на авто такси превоз на Град Скопје како дел од мерките за зголемување на безбедноста во градот.

Тие велат дека таксистите се секојдневно сведоци на голем број на криминални сцени, кражби, разбојништва, грабнувања, непочитување на сообраќајните прописи, криумчарење мигранти…

Сашо Рајчановски, кој е претседател на оваа групација и член во Советот за сообраќај на Град Скопје и сопственик на првата приватна такси компанија Коммак-комерц Скопје вели дека ова веќе беспрекорно функционира во некои држави. 

„Камерите снимаат јавна површина, нема нарушување на приватноста. Ваквиот начин на употреба на камерите во возилата ќе предизвика сериозен проблем на оние кои сакаат да сторат некое незаконско дело, бидејќи свесни се дека ќе бидат многу бргу откриени. Камерите за во возило сега се евтини иако обично во некои земји како донација ги даваат осигурителните компании со што трајно си го решаваат проблемот околу штетите на возилата кои се исплаќаат преку манипулации, наместени сообраќајки, записници…“, вели Рајчановски.

Групацијата на авто такси превозот на Град Скопје предлага и воведување на различна боја на регистерски таблички за службените, државни возила.

„И ова не е ништо ново. Кај нас пред многу години добро функционираше. И ова ќе придонесе за намалување на злоупотреба и манипулации со службените возила, растеретување на сообраќајот и ќе се исклучи нивната вмешаност во разни незаконски дејства. Ова е иднината, знаеме на кого нема да му се допаѓа, ама треба сите заеднички да извршиме голем притисок за да се прифати вакво нешто кое е врв за превенција и безбедност на сите граѓани“, изјави Рајчановски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons