Сè освен контрола на САД врз Гренланд е „неприфатливо“, вели Трамп
Претседателот Доналд Трамп денеска изјави дека сè освен американска контрола врз Гренланд е неприфатливо, неколку часа пред потпретседателот Џеј Ди Венс да биде домаќин на разговори со дански и гренландски претставници.
Во објава на својата социјална мрежа, Трамп повторно го изнесе аргументот дека на САД „им е потребен Гренланд за целите на националната безбедност“. Тој додаде дека „НАТО треба да ја предводи иницијативата за да го добиеме“ и дека, во спротивно, тоа би го направиле Русија или Кина.
„НАТО станува многу поимпозантен и поефикасен со Гренланд во рацете на СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ“, напиша Трамп. „Сè помалку од тоа е неприфатливо.“
Гренланд е во центарот на геополитичка бура, бидејќи Трамп инсистира дека сака да го поседува островот — а жителите на неговиот главен град, Нуук, велат дека тој не е на продажба. Белата куќа не ја исклучи можноста арктичкиот остров да биде преземен и со сила.
Се очекува Венс денеска во Вашингтон да се сретне со данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен и со неговата гренландска колешка Вивиан Моцфелт, за да разговараат за островот, кој е полуавтономна територија на данскиот НАТО-сојузник на САД.
Во пресрет на средбата, францускиот министер за надворешни работи го осуди она што го опиша како американска „уцена“ околу Гренланд, што е најнов знак на иритација меѓу сојузниците на САД.
По тесната, со снег покриена главна улица во Нуук, вели АП, меѓународни новинари и телевизиски екипи ги запираат минувачите на секои неколку метри, прашувајќи ги за нивното мислење за кризата за која данската премиерка предупреди дека потенцијално би можела да го предизвика крајот на НАТО.
Туута Микаелсен, 22-годишна студентка, за Асошиејтед прес во Нуук изјави дека се надева оти американските претставници ќе ја сфатат пораката да „се повлечат“.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, на прес-конференција во данската престолнина Копенхаген во вторникот изјави дека „ако мораме тука и сега да избираме меѓу Соединетите Американски Држави и Данска, ја избираме Данска. Го избираме НАТО. Го избираме Кралството Данска. Ја избираме Европската Унија“.
Запрашан подоцна во вторникот за изјавата на Нилсен, Трамп одговори: „Не се согласувам со него. Не знам кој е тој. Не знам ништо за него. Но тоа ќе биде голем проблем за него.“
Гренланд е стратегиски важен затоа што, како што климатските промени предизвикуваат топење на мразот, се отвора можност за пократки трговски рути кон Азија. Тоа исто така би можело да го олесни ископувањето и транспортот на неискористени наоѓалишта на критични минерали, неопходни за компјутери и телефони.
Трамп, исто така, изјави дека го сака островот за да ја зајакне безбедноста на Америка и како причина за потребата од контрола ја наведе, како што рече, заканата од руски и кинески бродови.



