МакедонијаНајново

Струја не се краде само во ГТЦ, туку и во Арачиново, Грчец, Студеничани… 

Само за една година, според некои пресметки на луѓето вработени во ЕВН кои секојдневно се на терен, околу 50 милиони евра е вредноста на украдената струја само од Скопскиот регион. Вработен во ЕВН, кој разбирливо сакаше да остане анонимен, вели дека само во Општина Арачиново за една година се краде или не се плаќа струја во вредност од 6 милиони евра. Власта, и локалната и централната, ги има овие податоци, но молчи.

И досега беа објавувани стотина новинарски приказни како контролорите на ЕВН едноставно немаат пристап до струјомерите од поедини домаќинства кои со години не платиле сметка за струја. Пишувавме и тоа дека често доаѓа и до физички пресметки. ЕВН како компанија со години се обидува да го унапреди системот за ефикасна наплата на сметките за струја, од 2014 година досега инвестираше десетици милиони евра во зајакнување на електричната дистрибутивна мрежа само кон Арачиново…

Според неофицијалните податоци на вработен во ЕВН, во февруари годинава загубите на електрична енергија само во Арачиново изнесуваат околу 80%. Трафостаницата број 6 со број 381145 поради кражба на струја бележи загуба од над 56%. Трафостаницата број 1 со број 380396 поради кражба на струја бележи загуба од над 65%. Трафостаниците 10, 3, 8 и 9 со соодветните броила бележат загуби од 70% поради кражба на струја, трафостаниците со броеви 5, 4, 2, 13 и 11 со соодветните броила бележат загуба од над 80% поради кражба на струја, трафостаницата број 12 со број 381392 е со рекордна загуба од 96% поради кражба на струја. Сите се на територијата на Општина Арачиново. Ова се делови од официјалните извештаи на ЕВН за оваа општина.

Или во февруари годинава во овој регион биле украдени вкупно 2.800 мегаватчасови. Тоа значи дека на годишно ниво загубата е повеќе од 20 илјади мегаватчасови. Просечната цена на берзата на струја за еден мегаватчас е 300 евра. Ова значи дека само од регионот на Арачиново вредноста на украдената струја е 6 милиони евра за една година. Колку години со ред е вака?

Според нашиот соговорник, евидентирани се кражби на струја во речиси сите ормари, алармите се оштетени и демонтирани и едноставно нема услови за безбедно вршење на редовните работни задачи. Продолжуваат нивните секојдневни проблеми со вербалните и физичките напади од домаќините.

Истото се случува и во други делови од Скопскиот регион, во Сингелиќ, Серава, Грчец,  Студеничани… Едноставната математика покажува дека ако се земе истиот процент на кражба на струја од Арачиново, тогаш вредноста на неплатената електрична енергија достигнува до неверојатни 50 милиони евра годишно.

За овој проблем запознати се и локалната и централната власт, но молкот и непостапувањето за овој криминал продолжува.

Инаку Општина Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот, покажа истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации за наплата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година. Образложението од Општина Арачиново е дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение. На 11 декември 2020, Владата донесе одлука да го помогне Арачиново со 500.000 евра неповратна помош.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons