Стојаноска: Заврши времето на погубните политики на СДС, ако имаа достоинство ќе имаа и срам, ВМРО-ДПМНЕ уште во првите 100 дена обезбеди средства
Денес на Комисијата за финансии и буџет, на која се расправаше предлог-буџетот за 2025 година, Дафина Стојаноска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, даде одговор на обвинувањата од страна на претходната власт во Македонија.
„Очекувано беше вакво однесување од луѓето кои 7 години не помрднаа ни едно камче и кои, меѓу останатото, поради тоа и изгубија на последните избори. Денес, да покажуваат со лажна грижа за нивните сограѓани и да бараат средства за проекти кои тие имаа можност да ги реализираат, а за кои се обезбедени средства и тоа само во првите 100 дена од Владата на Мицкоски“, кажа Стојаноска.
Според Стојаноска, овие опозициони политики на лажна грижа се само обиди да се прикријат 7 години неактивност и неодговорност, време кога проблемите на граѓаните беа игнорирани, а многу важни проекти останаа неисполнети.
„Нивните 204 амандмани се само невистинска грижа за граѓаните, со кои 7 години играа мајтап и ги оставија буквално на леб и сол. Не знам дали Филипче беше прв да избегне реплики од власта или можеби леб и сол ме потсети на песната Мамурни луѓе, повторно мамурно исчита еден говор без ни малку учество во текстот, без трошка концентрација и без трошка суштина“, рече Стојаноска.
Стојаноска ги критикуваше обидите за демагогија и спинување на јавноста, како и недостатокот на рефлексија за клучните области како здравство и образование, истакнувајќи дека спротивно на нивните зборови, само тој кој од здравството создал личен бизнис може да има толку малку кредибилитет да се осврне на овие важни прашања.
„Замислете, лидер на опозицијата, врвен доктор и универзитетски професор, речиси и да не ги спомена здравството и образованието. А како и би ги споменал, истиот оној кој од здравството си направи личен бизнис, кој се пазареше со набавката на вакцини, кој можеби се пазарел и со човечки животи, како за време на ковид пандемијата така и со страшниот скандал на онкологија“, истакна Стојаноска.
Стојаноска, одговaрaјќи на обвинувањата за неодговорно трошење, ја нагласи неспоредливата одговорност и постигнувањата на сегашната власт.
„Премногу дрско беше да слушаме обвинувања за наше неодговорно трошење и лажни најава за уште една изгубена година за економијата и за граѓаните. Оној кој најнеодговорно трошеше и профитираше, е безочно вчера да обвинува за расипничко трошење, кога оваа влада само за 4 месеци почна дури и да ги полни касите, но и да изнаоѓа пари за неисплатени плати, пензии и за инвестиции“, изјави Стојаноска.
За разлика од претходната власт, оваа Влада започнала да ја стабилизира економијата и да инвестира во критични сфери како што се плати, пензии и инфраструктура.
„Имено, не може да следува уште една изгубена година за економијата и граѓаните кога за следната приходите се проектирани со зголемување од 16%. Всушност, тоа и се потврди изминативе 4 месеци кога видовме како може да се зголеми наплатата од царина, УЈП и ЈПДП. Не може да следува уште една изгубена година за економијата и граѓаните ако за 2025 година е предвиден раст на наплата на ДДВ од 10,5%. Ова значи дека оваа влада нема да стане ортак со сивата економија, туку ќе влезе во директна борба со неа. Не може да ги убедувате пензионерите дека следува уште една изгубена година кога за првите три месеци им се покачија линеарно пензиите за 2500, а веќе мартовската пензија ќе ја примат со уште 2500 денари плус. Не може да следува уште една изгубена година за здравствените работници, ниту за државните административци и полицајците, кога за сите нив се предвидени повисоки плати. Образованието веќе примија покачени плати, а следува и за останатите наведени. Не може да следува уште една изгубена година кога за следната се предвидени завидни зголемувања за економски развој и за странски директни инвестиции“, истакна Стојаноска.
Стојаноска истакна дека 8 мај означи крај на ерата на неефикасни политики и почеток на новиот пат на реформи, инвестирање и градење на македонската економија и институции.
„Времето на вашите погубни политики заврши на 8 мај оваа година. Времето на реформи, на градење и на инвестирање започна. Немојте да се залажувате и да мислите дека некој верува на вашите лаги уште. Дури имав впечаток дека вие самите не си верувате, ама тоа е кога се нафативте пратеници, после министри, и кога зборот достоинство на времето за вас не значеше ништо. Проверете дали сега се чувствувате достоинствено или можеби ви е срам. Ако имавте достоинство, ќе имавте и срам“, заклучи Стојаноска.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ