Столе Димитриевски – прв голман што не прими гол од Реал сезонава
Вчерашното МВП издание на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски му донесе бод на Рајо Ваљекано на „Бернабе“, а во исто време предизвика серија комплименти за нашиот чувар на мрежата од шпанските медиуми.
Меѓу другото, Димитриевски стана прв голман оваа сезона кој не примил гол на меч против Реал Мадрид, без разлика за кое натпреварување станува збор. Шпанскиот вицешампион пред синоќешниот дуел одигра 14 натпревари и на секој од нив, барем еднаш ја тресеше противничката мрежа, дури и кога загуби од Атлетико (1-3) или кога одигра нерешено со Севиља (1-1). Димитриевски успеа да ја сочува мрежата дури и од Џуд Белингам кој беше фантастичен до ова коло е и убедливо најдобар стрелец на Реал.
Тој стана и само втор голман во историјата на Рајо Ваљекано кој не примил гол од Реал на Бернабе, по Жулен Лопетеги кому тоа му успеа во март 2000 година. Димитриевски влезе и во елитното друштво на голмани кои не примиле гол ни од Барселона, ни од Реал на нивните стадиони.
Заедно со Марк Андре Тер Штеген, Димитриевски е на врвот на листата на голмани со „чисти мрежи“ оваа сезона во Ла Лига бидејќи вчерашниот меч беше шести за нашиот репрезентативец на кој не прими гол, по дуелите со Алмерија, Гранада, Алавес, Кадиз и Лас Палмас.
Што се однесува до Рајо Ваљекано, тимот е во серија од осум натпревари без пораз што е негова најдолга ваква низа во историјата кога станува збор за највисокиот ранг од шпанскиот фудбал. Во текот на оваа серија, Рајо оствари шест нерешени резултати и две победи.