Сте слушнале за војнички метод на спиење? Ќе заспиете за две минути
Дали имате проблем да заспиете? Можеби ќе сакате да го пробате овој војнички метод. Фитнес-тренерот Џастин Агустин го сподели овој едноставен трик на неговиот канал ТикТок, на кој има речиси два милиони следбеници. Можеби ќе сакате да го испробате, особено затоа што не е потребно да се вложи многу време.
Џастин Агустин на ТикТок, познат како @justin_agustin, тврди дека со помош на овој метод успешно ќе заспиете за само две минути и дека е ефикасен кај дури 96 отсто од луѓето.
Но, за да биде успешен, Џастин вели дека треба да бидете упорни и да го вежбате најмалку шест месеци за целосни резултати. „Сфатете го тоа како инвестиција во спиењето“, вели овој тренер.
Што претставува војничкиот метод на спиење?
Според експертите, оваа техника ја развила американската армија, главно за пилотите на борбените авиони на кои рефлексите треба да им се 100-процентни и за сите кои учествуваат во активни битки и треба да можат да заспијат во бучни и стресни ситуации, со цел да си ја обноват енергијата.
Се верува дека првпат е споделена со цивили во книгата „Опушти се и победи: изведба на шампионатот“ (Relax and Win: Championship Performance) од 1981 година, напишана од американскиот атлетски тренер Лојд Бад Винтер.
Тој се надевал дека методот ќе им помогне на спортистите побрзо да се опорават од повредите и да ги подобрат нивните вкупни перформанси на спортските терени. Ако сакате да пробате, прилично е едноставно.
Прво треба да се сместите во удобна положба, а откако ќе го направите тоа, фокусирајте ги мислите на дишењето. Потоа почнете полека да го опуштате целото тело за да го „исклучите“.
Започнете со темето, а потоа продолжете до челото и лицето. Погрижете се целото тело да ви е опуштено, рацете да ви бидат опуштени и поставени до телото и замислете како топлината се шири од вашата глава до врвовите на прстите.
Потоа фокусирајте се на градниот кош, вдишувајќи длабоко за да се опуштите. Продолжете кон стомакот, бутовите, нозете и на крајот стапалата. Замислете како чувството на топлина „патува“ од вашето срце сè до врвовите на вашите прсти на нозете.
Но, тоа не е целиот трик. За да биде ефективен додека се релаксирате, треба да го исчистите умот од стресот акумулиран во текот на денот. Можете да го направите ова со замислување на смирувачко сценарио како што е лежење покрај езеро, на плажа или што и да е удобно за вас. Ако вашиот ум почне да талка, и веројатно ќе талка, само издржете. Повторувајте си „не размислувај“ најмалку десет секунди.