Стевчо Јакимовски осуден на три години и шест месеци затвор
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски е прогласен за виновен и осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години и 6 месеци, одлучи денеска Основниот кривичен суд во Скопје. Заедно со него, виновен е прогласен и уште еден обвинет, поранешен општински службеник, кој доби условна казна затвор од 2 години.
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски е прогласен за виновен и осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години и 6 месеци, одлучи денеска Основниот кривичен суд во Скопје. Заедно со него, виновен е прогласен и уште еден обвинет, поранешен општински службеник, кој доби условна казна затвор од 2 години.
Како што информираат од судот, условната казна на второобвинетиот нема да се изврши доколку во рок од пет години не стори ново кривично дело.
Во образложението на пресудата, судијата посочи дека постапката траела повеќе од шест години без разумно оправдување. По промената на судечкиот совет, процесот започна одново, но со согласност на странките претходно изведените докази беа прочитани, по што предметот беше завршен во прв степен за помалку од една година.
Поради промените во Кривичниот законик, дел од обвинението за злоупотреба на службената положба и овластување застаре, поради што судот го отфрли делот од обвинението што се однесува на првите две точки. Сепак, Јакимовски беше осуден за кривично дело бесправно градење и за злоупотреба на службената положба и овластување.
Судот утврди дека Јакимовски без дозвола изградил административен објект на Локалната самоуправа на улица Радика бр. 9, Барака 1 и 2, и за тоа дело му изрече затворска казна од една година. Иако предвидената казна за ова дело изнесува од 3 до 8 години затвор, судот ја намали казната земајќи ја предвид намената на објектот и досегашната пракса.
Согласно законот, изградената недвижност се одзема во корист на Република Македонија. За второто кривично дело – злоупотреба на службената положба, Јакимовски доби затворска казна од 3 години, а судот му изрече единствена казна од 3 години и 6 месеци. Во таа казна ќе се засмета и времето кое го поминал во куќен притвор.
Вториот обвинет, поранешен вработен во општината, беше прогласен за виновен по истото кривично дело, но доби условна осуда.
Според обвинителниот акт, Јакимовски го извршил делото бесправно градење како градоначалник, во име на Општина Карпош, без соодветно одобрение, при што поднел барање за легализација дури по истекот на крајниот рок за такви постапки во 2011 година.
Понатаму, обвинителството тврдеше дека Јакимовски ја злоупотребил својата функција и при легализација на други бесправни објекти, како и при продажба на државно земјиште по пониска цена од пазарната. Според обвинителите, со тоа била нанесена штета на буџетот на Општина Карпош од 14,6 милиони денари, а на државниот буџет од над 31 милион денари или вкупно околу 750.000 евра.
Пресудата не е правосилна, а Јакимовски има право на жалба до Апелациониот суд. Тој уште на почетокот на процесот изјави дека не се чувствува виновен.