Стана луксуз да купиш стан, но очигледно некој може да си го дозволи, бидејќи станови се градат, а и продаваат
Купувањето стан во денешно време, станува луксуз, но очигелдно него можат да си го дозволат многумина, бидејќи станбени објекти се градат на секој чекор, а скоро сите се продадени, уште во тек на градбата. Според проценките, половина од новопродадените станови се кешираат во готови пари, а остатокот се купува на кредит.
Според она што го добивам како информација, проценка, околу 50 проценти од новопродадените станови се купуваат на кредит, другите 50 проценти се во готовина. Ние немаме сознанија од каде доаѓа таа готовина, дали е од заштеди, дали е од некои приливи за коишто не сакаме да зборуваме, има други институции коишто треба да го утврдат, секако и Народната банка – изјави неодамна Гувернеот на Народната банка, Трајко Славески.
Во споредба со 2021 година, според податоците на Народната банка, за четири години, квадратот поскапел за дури 75 проценти, додека цените на становите само во изминатите 12 месеци се зголемени за дури 22,3 проценти.
И додека становите континуирано поскапуваат, тие без проблем се продаваат, а во илјадници од нив, никој и не живее.
Заради ваквата загрижувачка сосотојба со цените на становите Народната банка подготвува сериозни мерки како да се застане на патот на градежниот сектор во однос на растечките цени на недвижностите. Народната банка како институција не може самата да го реши овој проблем, поради што ќе побара институционална помош и од други изнституции.
Во моментов вршиме сериозни анализи за растот на цените на недвижностите, особено на становите и тука подготвуваме некои мерки за кои дополнително ќе ве известиме. Според некои мерења, за растот на цените на недвижностите има повеќе причини за загриженост и Народната банка секако во комуникација со другите институции, не може сами да го решаваме тој проблем и би сакале да ги насочиме нашите активноти кон јасна дистинкција, помеѓу кредитирањето на станови и или објекти за живеење, кои се наменети за живеење, и кредитирањето на недвижности за инвестиција или во некој случај за шпекулација за очекување на натамошен раст на цените – вели Гувернерот на Народната Банка, Славески.
Градежниците обелоденија дека во Скопје има станови кои се сметаат за луксузни и нивните цени надминуваат и над три и пол илјади евра. Во просек цената на нов стан во центарот се движи од две до две и пол илјади евра, метар квадратен.
Дека цените на становите се нереални, потврдува и директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен прстор од значење за државата АДИССДП, Стефановски.
Цените на становите излегуваат од рамките на реалното и објективното. Наш приоритет е преку системско делување да придонесеме за рамнотежа на пазарот и создавање услови за реални, а не шпекулативни цени – вели во интервју за МИА, Марјан Стефановски
Тој истакнува дека активно работат на проширување на градежните капацитети за да можат да градат што повеќе комерцијални станбени згради во насока на остварување на улогата на коректор на цената на станбениот квадрат.
Ценовните турбуленции на пазарот на недвижности се резултат на динамиката меѓу понудата и побарувачката, а таа во последниве години е особено нарушена. Преку изградба на нови станбени објекти активно се стремиме да интервенираме во регулирањето на процес, со што директно можеме да влијаеме на зголемувањето на понудата. На тој начин, придонесуваме за стабилизирање и корекција на цената на станбениот квадрат овозможувајќи пристап до сопствен дом на поголем дел од граѓаните – вели директорот на АДИССДП.