ССМ: Нема социјален дијалог со „ќе“ и со манипулации
Социјален дијалог со „ќе“ и манипулации нема, соопшти денеска Сојузот на синдикати на Македонија.
Оттаму велат дека работниците сѐ уште ја чекаат методологијата за раст на платите, но оти ценовните шокови и новата цена на струјата не чекаат. Според ССМ, платите не се доволни да ги покријат новите методологии на Владата.
„Ја прашуваме минисерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска согласно нејзината изјава и новото ветување, за кои работници во јавен сектор, како добра Влада, без да Ви бараат синдикатите ќе има К-15? Дали за вработените во здраството, полицијата, армијата, просветните работници – целиот јавен сектор за 138.000 работници? Поточно каде е утвредено тоа право, во кој Колективен договор или Закон? Или и тоа е нова манипулација на 138.000 работници со „ЌЕ“? Или само за 15.000 работници во јавен сектор кои се под Гранскиот колективен договор на Синдикат на УПОЗ при ССМ и тоа право им е загарантирано во колективниот договор, па под присила на тужби кон државата имате и обврска да ги предвидите како средства? Но за жал ниту тие не се предвидени во ребалансот туку дополнително ќе бидат предвидени според изјава на Вашиот колега Министер Фатмир Бесими“, се вели во соопштението.
ССМ од Владата бара линеарно зголемување на платите за 2.806 денари, согласно порастот на минималната плата и исплата на К-15 за сите работници во јавниот сектор. Сојузот на синдикати на 22 јуни стапи во генерален штрајк и претставнивници на Синдикатот протестираа пред повеќе надлежни институции.