МакедонијаНајново

ССК: Не е време за нови даноци 

Од Сојузот на стопански комори сметаат дека не е време за нови даноци бидејќи на тој начин би се создал дополнителен притисок врз економијата.

Членот на Управниот одбор на Комората Михајло Евросимовски на регионалната конференција „Гледајќи кон утре“ што се одржала во Загреб, истакнал дека посегнувањето по нови даноци не е решение и ќе биде уште поголем притисок за стопанството во услови кога тоа е изложено на негативите последици предизвикани од енергетската криза и другите негативни економски случувања.

„Сметаме дека сè уште не е време за нови даноци, бидејќи на овој начин создаваме дополнителен притисок врз економијата, а на врата ги имаме енергетската криза, инфлацијата и рецесијата. Во моментов е подобро да се одложи зголемувањето на даноците за да може економијата да остане на ова ниво, а со тоа да се обезбеди основа за развојната политика во следните пет до 10 години“, посочил Евросимовски.

Тој истакнал дека за полесно надминување на состојбите потребно е да се утврдат и поддржат секторите коишто можат да го зголемат извозот и со тоа да повлечат кон економски раст.

„Македонија е на 29 место според извозот на вино во светот што е одлично достигнување. Покрај производството на вино важен сектор е и автоиндустријата, како и туризмот, каде треба да се инвестира“, подвлекол Евросимовски.

На дебатата, како што информираа денеска од Сојузот на стопански комори, се разговарало за актуелните економски случувања во земјите од регионот, а се осврнале и кон иницијативата „Отворен Балкан“.

Регионалната конференција е организирана од „Пословни дневник“ во Загреб и е втора конференција што ја организира хрватскиот медиум со цел да поттикне унапредување на соработката меѓу стопанските комори и претставниците на бизнис заедницата од земјите во регионот и да се поттикнат заедничките можности за соработка во однос на освојувањето на европскиот пазар и привлекувањето странски инвестиции. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons