Србија воведува драстично повисоки казни за сообраќајни прекршоци, колкава плата толкава казна
Србија на почетокот на 2026 година ја очекува нов, значително построг закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, чиј нацрт треба да биде готов до крајот на оваа година. Најавените измени носат драстично повисоки казни за сообраќајни прекршоци, а една од најгласните иновации е можноста износот на казната да може да се одреди според приходите на прекршителот, пишуваат српските медиуми.
Експертите и јавноста се согласуваат дека постојните казни за одредени сообраќајни прекршоци се премногу ниски. Началникот на Управата на сообраќајната полиција Славиша Лакиќевиќ неодамна изјави дека „одредени казни ја изгубиле целта на нивното пропишување, особено казните од 3.000 до 5.000 динари“.
Според најавите, ќе следи значително зголемување. „Прекршоците што порано изнесуваа 10.000 динари (околу 85 евра) сега ќе бидат 20.000, а за одредени „благи прекршоци“ се планирани санкции и до 50.000 динари“, објави Лакиќевиќ.
Еден од најдрастичните примери е казната за некористење на сигурносен појас или користење мобилен телефон при возење без уред за слободни раце. Сегашната казна од 10.000 динари би можела да скокне на дури 50.000 динари. Исто така, се смета дека возачот е одговорен за неврзаните патници во возилото, за кои би се применувала истата казна.
Лакиќевиќ разјасни и други примери: „Прекршоците што досега беа казнувани со 3.000 динари во иднина ќе чинат 10.000 динари. На пример, слушање премногу гласна музика во возилото, за да не можете да чуете ништо околу вас, ниту другите учесници во сообраќајот“. Од друга страна, за прекршоци во износ од 5.000 динари, како што се неправилно растојание или пречекорување на дозволената брзина во населбата за 10 до 20 км/ч, ќе се изрекува казна од 15.000 динари.
Една од клучните новини се однесува на возачите кои повторуваат прекршоци. Се предлага да се укине можноста за плаќање на половина од износот на казната во рок од осум дена за оние кои го прават истиот прекршок по втор пат.
„А кога ќе го повторат прекршокот по трет пат, или четврти пат, или повеќе пати, ќе добијат зголемување на казната за 50 проценти во фиксен износ“, истакна Лакиќевиќ. Особено строги санкции се предвидени за неовластен превоз на деца и правење прекршоци додека децата се во возилото.
Меѓу предлозите на граѓаните кои биле сериозно разгледани е и оној за прилагодување на казните според износот на приходот, што би бил преседан во српското законодавство. Милан Илиќ, советник на директорот на Агенцијата за безбедност во сообраќајот, ја објасни идејата.
„Ова значи дека ако некој има плата од еден милион динари и направи сообраќаен прекршок, неговата казна ќе биде значително поголема во споредба со некој со плата од 50.000 динари“, објасни Илиќ, додавајќи: „Мора да бидеме храбри и прагматични со новите решенија, ако тоа може да спаси барем еден живот во сообраќајот“.



