Составот на новата влада е пред финален договор – клучните ресори остануваат кај ВМРО-ДПМНЕ
Коалицијата „Вреди“, покрај пет министерства и еден министер без ресор, ќе го добие и претседателското место во Собранието
Во финиш се и преговорите со партијата ЗНАМ, за која се најавува дека ќе добие две министерства – за правда и новото министерство за администрација
Распоредот на ресорите во новата влада, за чие формирање коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ води преговори со коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди“, а деновиве беше вклучена и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски, е пред финален договор, велат последните информации за кои брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.
Според она што може да се дознае, победникот на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај, коалицијата „Твоја Македонија“, ќе управува со Министерствата за внатрешни работи, за финансии, за транспорт и врски, потоа Министерството за образование и Министерството за култура.
Кадар на ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи и со Министерствата за надворешни работи, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за локална самоуправа и со новото министерства за енергетика, рударство и минерални суровини.
Што се однесува до „Вреди“, според последните информации, оваа коалиција ги добива Министерството за животна средина и просторно планирање, а кадарот што ќе миинистерува со овој ресор треба да ја добие и функцијата вицепремиер.
На оваа коалиција ќе ѝ припаднат и Министерството за здравство и министерството за социјална политика, демографија и млади.
Министерството за економија и труд, исто така, оди во рацете на „Вреди“, заедно со секторот евроинтеграции, кој се очекува од секретаријат да прерасне во министерство. „Вреди“ добива уште еден министер без ресор, кој би бил задолжен за добро владеење и транспарентност.
Коалицијата на опозициските партии на Албанците, како што брифираат нашите извори, го добива и претседателското место во Собранието.
Во финиш се и преговорите со ЗНАМ, партија која, според нeофицијални информации, ќе добие две министерства – за правда и новото министерство за администрација.
Извор: 360stepeni.mk