Свет

Сондата на НАСА помина покрај Сонцето, сè уште работи

НАСА денеска соопшти дека нејзината соларна сонда Паркер е „безбедна“ и работи нормално откако успешно го заврши историски најблиското приближување до Сонцето од објект изработен од човекот.

Леталото помина на само 6,1 милиони километри од површината на Сонцето на 24 декември, летајќи низ надворешната атмосфера на Сонцето, наречена корона, во мисија што треба да им помогне на научниците да дознаат повеќе за ѕвездата најблиску до Земјата.

НАСА соопшти дека оперативниот тим Лабораторија за применета физика Џон Хопкинс во Мериленд добил сигнал од сондата непосредно пред полноќ во четвртокот.

Се очекува леталото да испрати детални телеметриски податоци за својот статус на 1 јануари, додаде НАСА.

Патувајќи со брзина до 692.000 км/ч, вселенското летало издржа температури до 982 степени Целзиусови, се наведува на веб-страницата на НАСА.

„Оваа студија за Сонцето од голема близина ѝ овозможува на соларната сонда Паркер да направи мерења кои им помагаат на научниците подобро да разберат како материјалот во овој регион се загрева до милион степени, од кое потекло е соларниот ветер и како енергетските честички се забрзуваат до брзини блиску до брзината на светлината“, додава агенцијата.

Соларната сонда Паркер беше лансирана во 2018 година и постепено влегува во сè потесни орбити околу Сонцето, користејќи ја гравитацијата на Венера додека лета покрај планетата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons