Соборен рекордот! Македонецот Волкановски е новиот УФЦ шампион во „перо“ категорија
Македонија го има новиот УФЦ шампион во „перо“ категорија.
Се работи за Александар Волкановски, поранешен шампион на оваа дивизија кој го врати појасот по заминувањето на Илја Топурија во лесна категорија, а слободното место го зазеде по вечерашната победа над Диего Лопез на настан во Мајами, каде победи со едногласна одлука.
И покрај одличниот настап на Лопез од Мексико, кој пред борбата со Волкановски доби „шанса за титулата“ по петте последователни победи во октагонот, искусниот Австралиец покажа зошто е еден од најодликуваните борци (5 одбрани) во „перо“ категорија. Со своето искуство и „фајтерски коефициент на интелигенција“ доминираше во сите пет рунди, а храброто срце и самопожртвуваноста на Лопез, на крајот, не беа доволни за да ги убедат судиите.
Инаку, видовме вистинска војна во режија на овие борци, па навивачите и гледачите во „Арена Фајт“ имаа можност да уживаат во првокласна борба, како што доликува на меч за титулата. Еден куп сериозни размени и многу тактичко надмудрување видовме во „стенд-апот“, каде во неколку наврати мечот лесно можеше да отиде во друга насока.
„Убаво е чувството што се вратив овде. Му ветив на моето семејство дека ќе ја вратам титулата. Сите ме отпишаа бидејќи имам 36 години. Ја добив шансата по два последователни порази, а сега се враќам овде, на врвот. Имам голема почит за Лопез. Неверојатен момент, навистина голема привилегија. За ова ќе се пишува и ќе се снимаат филмови – соборен е рекорд!“, рече Волкановски во изјавата по натпреварот.
Александар Волкановски сега има 27 победи и четири порази во октагонот, а единствените два под капата на организацијата УФЦ му беа против Илија Топурија и Ислам Махачев (двапати). Првиот пораз го забележа на стартот од кариерата против Кори Нелсон.