Следниот месец монтирање: Службените автомобили ќе добијат посебни таблици
Сите службени возила во Македонија ќе добијат нови, специјално дизајнирани регистарски таблици во бои, со цел да се спречи нивната злоупотреба.
Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите најави дека истите ќе започнат да се монтираат на возилата за еден месец.
Покрај тоа, ќе бидат поставени телефонски линии на кои граѓаните ќе можат да пријават неправилности или злоупотреби поврзани со овие возила, а надлежните органи ќе постапуваат согласно пријавите
Претходно, оваа иницијатива беше најавена од страна на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, кој истакна дека со оваа мерка се планира подобрување на транспарентноста и контролата над користењето на службените возила.
„Ќе воведеме специјални таблици, а регистарот на овие возила ќе продолжи да се ажурира во текот на годината. Правилникот е веќе донесен и сега чекаме потпис од Министерството за внатрешни работи. Овие нови таблици ќе се применат на околу 6.500 возила низ цела Македонија“, истакна тогаш Томовски.