Системот „Безбеден град“ ќе почне да се имплементира од 1 јануари
Владата ги усвојува најновите законски измени кои ќе овозможат користење на системот „Безбеден град“, или улични камери, од 1 јануари следната година. Уличните камери ќеги снимаат и документираат можните сообраќајни прекршоци. Бројот на регистарските таблички е поврзан со сопственикот на автомобилот, а во случај на прекршок ќе се пишува записник со прекршочен платен налог за сопственикот, а прекршокот се документира со фотографии.
Известувањето на сопственикот на возилото за прекршокот ќе биде направено по електронски пат, а не по пошта.
Внатре има линк преку кој се добива записникот со налогот за плаќање на прекршокот и фотографијата со која е документиран прекршокот. Сторителот добива две пораки во рок од 24 часа.
Ако сторителот не ја прифати одговорноста, има право во рок од 8 дена да ги достави документите добиени преку СМС до надлежниот суд, што би послужило како барање за поведување на прекршочна постапка. Доколку сопственикот на автомобилот не го управувал возилото, во времето кога е сторен прекршокот, должен е во рок од 8 дена да ги достави личните податоци на лицето на кое му го дало автомобилот. Ова ќе го направи во полициската станица, заедно со лицето кое го извршило делото, или сам.
За повторени прекршоци се предлага Судот да донесе решение за престанување на важноста на возачката дозвола. Ова се случува ако возачот во периодот од 4 години има две забрани од одредена категорија за возење на возило.
За поголема безбедност во сообраќајот кое не мора да е поврзана со системот „Безбеден град“, Министерството за внатрешни работи предлага и ограничување на употребата на мобилни телефони во сообраќајот.
Со овие измени, институциите очекуваат да се намалат сообраќајните прекршоци, особено оние со тешки физички последици.