Синдикатот на Клинички центар бара потпишување на договорот што го имале со претходниот министер за здравство
Да се потпише во најбрз можен рок договорот што го имавме со претходниот министер за здравство и Фондот за здравство, побара попладнево потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски, пред состанокот со новиот министер за здравство Фатмир Меџити.
– Тие средства веќе се обезбедени, анексите се направени и коефициентите се средени, така што би требало да ја завршиме работата, нагласи Серафимовски.
Синдикатот бара под итно да се потпише договорот што го имале договорено пред три ипол-четири месеци.
– Инсистираме на потпишување за зголемување на плати, за медицинските сестри три илјади денари бруто, а за сите останати, значи јавна администрација, помош на технички персонал и доктори, по две илјади денари. Таков е договорот, рече Серафимовски.
Со барање за покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата, синдикатите минатиот месец излегоа на протест пред Клиничкиот центар и ГОБ ,,8 Септември” во Скопје, како и во други градови низ државата.