Актуелно

Се намалува јавната администрација, лани од институциите заминале 3.722 лица 

Се намалува бројот на јавната администрација од година в година и лани државните институции ги напуштиле 3.722 вработени, покажува посебниот извештај на Народниот правобранител за примената на начелото за соодветна и правична застапеност на вработените во јавниот сектор за 2022 година. Лани има намалување на бројот на вработени Македонци за 0,9 отсто, а зголемување на вработените Албанци за 0,8 отсто, односно Македонците се 71,9 отсто од вкупниот број на вработени во јавната администрација, а Албанците се 21,4.

Вкупниот број на вработени во јавниот сектор во 2022 година изнесувал 130.377 лица, а во 2021 година 134.900 лица. Јавниот сектор брои 1.325 институции и органи на државно и локално ниво и за ова истражување на Народниот правобранител за прв пат одговор и податоци им дале сите институции.

– Анализата на прибраните податоци покажува дека мал е бројот на институции и установи, општани и субјекти формирани од нивна страна кои во 2022 година имаат солиден учинок во остварувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, за разлика од оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и кои отстапуваат на сите полиња. Карактеристично за овие институции е дека имаат вработено лица само од мнозинската, а кај некои и од втората по големина етничка заедница и немаат вработено лица од помалите заедници, или пак, имаат вработено само мал број, при што не постои одредена процентуална застапеност, посебно во раководниот кадар на помалите заедници. Скоро сите помалубројни заедници се застапени со скоро идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност – рече Народниот правобранител Насер Зибери при презентацијата на извештајот.

Според истражувањето, турската заедница бележи пораст од 0,1 отсто во вкупниот број на вработени во јавната администрација и изнесува 2,1 отсто. Ромската заедница останува на ист степен како и во 2021 година, со застапеност од 1,3 отсто, исто колку и српската заедница која е застапена со 1,4 отсто. Кај влашката заедница има намалување од 0,1 отсто и застапеноста изнесува 0,6 отсто од вкупниот број на варботени. Бошњачката заедница останува на ист степен како и минатата година со застапеност од 0,5 отсто, а лицата кои се определиле како припадници на некоја друга заедница се застапени се со 0,7 отсто, истко како и во 2021 година. 

– Лани при објавување на годишниот извештај ги потенцирав некои од институциите како лош пример за непочитување на принципот на соодветна и правична застапеност, а кај некои по укажаните препораки на Народниот правобранител се забележа подобрување на резултатите. Оваа година ќе ги споменам институциите по области како на пример Обвинителството (Албанци 14 отсто, Турци 2,5, Роми 0,5 отсто), судството (Албанци 15 отсто, Турци 1,3 отсто, Роми 1 отсто), социјалната заштита, самостојни државни органи, како агенции, дирекции, комисии и така натаму. Има Понатаму, Агенција за филм 0 отсто, Биро за застапување на РСМ пред Европскиот суд за човекови права 0 отсто, Агенција за радијациона сигурност 0 отсто, Совет за унапредување и надзор над ревизијата, 0 отсто, Центар за развој на Скопскиот плански регион. Посебно сакам да истакнам загриженост за неспроведување на оваа уставна и законска обврска во здраствениот сектор, каде 17 отсто се Албанци, а само 1,5 отсто се Турци, 1 отсто се Роми и 0,6 отсто се Власи. Минатогодишните констатации дека состојбата е неповолна во Уставен суд, Основен кривичен суд, Апелационен суд Скопје, Основно јавно обвинителство Скопје, Академија за судии и јавни обвинители, МАНУ (1 отсто, Музеи, Служба за општи и заеднички работи (5,6%), Акционерско друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (2,6 %), МЕПСО (9%), Агенција за филм, Агенција за администрација (7%), Агенција за енергетика (0%), Национална агенција за европско образование, Биро за застапување на РСМ во Европскиот суд за човекови права, Институт за фолклор итн, за жал, остануваат и оваа година – рече Зибери. 

Народниот правобранител објасни дека овие институции кога распишуваат огласни за вработување во нив наведуваат од која етничка припадност треба да биде примениот кандидат, ама при реализацијата на огласите не го почотуваат начелото на правична застапеност. 

Податоците за полова и образовна застапеност укажуваат дека во 2022 година од 130.377 вработени во јавниот сектор 66.303 се мажи (50,85%), а 64.074 се жени (49,15%), а претходно, во 2021 година од 134.099 вработени, 69.014 биле мажи (51,46%), а 65.085 (48,54%) жени.

– Ваквиот приказ на состојбите значи мал напредок во остварување на половата еднаквост меѓу жените и мажите – рече Народниот правобранител. 

Од избраните и именувани лица, жени се846 (43,1%), а мажи се 1.117 (56,90%). Кај раководните работни места во институциите бројот на жени изнесува 4.551 (48%) а на мажи 4.931 (52%).

– И покрај оваа констатирана состојба, заклучокот е дека е помал бројот на вработени жени во однос на мажи, а нивниот број е помал и на раководните работни места. Единствено поголем е бројот на жените со високо образование во јавниот сектор во однос на мажите, но сепак мажите се побројни во однос на жените како избрани и именувани лица, но и на раководните работни места. Констатација е дека имаме приближување на соодносот меѓу жени и мажи на врботувањата во јавниот сектор во категоријата на нераководни работни места, што е знак на рамноправност и еднаков третман на двата пола при вработувањето на овие извршителски позиции – рече Зибери. 

За да се постигне задоволителен степен на застапеност меѓу половите, Народниот правобранител ги повикува сите надлежни служби да обратат внимание на половиот аспект, особено на општествено одговорното буџетирање со акцент на родовото буџетирање, како и во насока на донесување на стратешки документи на ниво на секој субјект, со кој ќе се подобри состојбата на полова застапеност во јавниот сектор.

– Во оваа прилика повторно ги повикувам сите надлежни субјекти да воспостават систем на квалитетно спроведување и вработување, со јасни и прецизни правила, кои нема да дозволат злоупотреба при користење на Балансерот за воспоставување на годишните планови за вработување во јавниот сектор. Потребно е да истакнеме дека Народниот правобранител и оваа година констатираше мал и не доволно голем исчекор во спроведувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, со што и годинава останува на сила општата препорака која ја упатуваме до сите надлежни институции задолжени да го следат степенот на нејзино успешно и соодветно спроведување во сферата на јавниот сектор, со што ќе воспоставиме општество еднакво за сите граѓани кои живеат во него, без да ја истакнуваме етничката припадност, со што би се приближиле на западните земји кои го негуваат духот на прогресивност, професионалност и квалитет – рече народниот правобранител Насер Зибери на денешната прес-конференција.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons