Сестрата на Ким Џонг Ун: Ќе го гаѓаме Сеул со нуклеарно оружје доколку нè нападне
Пјонгјанг ќе ја гаѓа Јужна Кореја со „нуклеарна борбена сила” доколку биде нападнат, изјави влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, во изјава објавена од државните медиуми.
„Во случај Јужна Кореја да се одлучи за воен конфликт со нас, нашите нуклеарни борбени сили неизбежно ќе мора да ги извршуваат своите задачи“, рече Ким Јо Џонг, според соопштението објавено од КЦНА.
Високата функционерка на владејачката Народна партија рече дека Северна Кореја никогаш нема да нападне прва.
„Но, ако Јужна Кореја, од која било причина, се одлучи за таква воена акција како „превентивен удар““, за што зборуваше јужнокорејскиот министер за одбрана Сух Вук, „ситуацијата ќе се промени“, рече таа во изјавата.
„Во тој случај, самата Јужна Кореја ќе стане цел“, додаде таа.
Ким Јо Џонг веќе минатата недела го нападна Сух поради неговите коментари за „превентивни удари“. Таа тогаш рече дека Јужна Кореја ризикува „сериозна закана“, но не објасни.
Сух во петокот јавно изјави дека јужнокорејските вооружени сили имаат капацитети „прецизно и брзо“ да го нападнат местото од кое Северна Кореја ќе истрела проектили, како и нејзините командни места штом се појават јасни знаци за напад врз Јужна Кореја.
Вербалните напади на Северна Кореја врз членовите на јужнокорејската влада не се невообичаени, а новите се случуваат во време кога тензиите во регионот повторно растат. Пјонгјанг неодамна ги предупреди соседните земји со истрелување нов интерконтинентален балистички проектил (ИЦБМ).