Седмо зголемување плати во ЕУ-институциите за три години: колку заработува Фон дер Лаен?
Околу 66.000 вработени во институциите на ЕУ од април повторно ќе земаат повисоки плати. Ова е седмо зголемување на платите од почетокот на 2022 година.
Минатата година платите на вработените во сите институции на Европската Унија требаше да се зголемат за 8,5 отсто, но Европската комисија ја искористи таканаречената клаузула за воздржување и ги зголеми платите за „само“ 7,3 отсто, додека преостанатото зголемување од 1,2 отсто ќе следи во април, пишува Билд.
Минималната основна плата (без паушалните суми што не се оданочуваат) ќе се зголеми од 3.361 евро во почетокот на 2024 година на 3.645 евра нето од април оваа година. Највисоката плата од 23.262 евра ќе се зголеми на 25.229 евра.
Бенефит ќе имаат и членовите на Европската комисија. Основната плата на претседателката Урсула фон дер Лаен е зголемена за повеќе од 2.700 евра од почетокот на 2024 година и сега изнесува околу 34.800 евра месечно. Еврокомесарите сега ќе заработуваат околу 28.400 евра, што е за 2.200 евра повеќе. ЕУ вообичаено користи прилично комплицирана формула за пресметување на платите на своите вработени. Се зема предвид инфлацијата во Брисел и Луксембург, како и трендовите на платите во јавните служби на земјите-членки. Платите обично се зголемуваат еднаш годишно ретроактивно од 1 јули. Но поради високата инфлација во последните години, беше искористена посебна одредба и дел од покачувањето беше исплатено уште на 1 јануари. Затоа, почнувајќи од 2022 година, вработените во ЕУ добиваат покачување на платите и на 1 јануари и на 1 јули.
Како што пишува Билд, годинава се можни дури три покачувања на платите. Доколку инфлацијата не се намали, додатокот за 2024 година најпрво ќе се исплати од април, однапред одреденото ретроактивно зголемување од јануари може да се случи кон средината на годината, а подоцна и преостанатото зголемување од 1 јули.