СВР-Штип со детали за вчерашната сообраќајка во која починале две лица
Секторот за внатрешни работи од Штип денеска излезе со детали за вчерашната сообраќајна несреќа на експресниот пат Штип-Кочани во која загинаа 24-годишна скопјанка и 52-годишен кочанчанец.
Портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова соопшти дека сообраќајната несреќа се случила меѓу патничко возило „фолксваген голф“ со кочански регистарски ознаки, управувано од Д.Д. (54) од Кочани, патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.А. (25) години од Скопје и патничко возило „цитроен“ со винички регистарски ознаки, управувано од Л.С.(58) години од Виница.
– Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатничката од возилото „сеат“ Н.П.(24) од Скопје и Г.А.(52) од Кочани, сопатник од возилото „фолксваген голф“. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. Со тешки телесни повреди се здобиле Д.Д., Л.С., сопатникот од возилото „фолксваген голф“ Б.А.(51) од Кочани и две сопатнички од возилото „цитроен“ М.С.(63) и Ц.С.(84), двете од Виница, а со телесни повреди се здобиле М.А. и уште една сопатничка од возилото „цитроен“ М.С.(50) од Виница, констатирани во Клиничката болница Штип, Општата болница Кочани и Комплексот клиники „Мајка Тереза“, изјави Панајотова.
Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Кочани.
Според вчерашното соопштение од Обвинителството, издадени се повеќе наредби за утврдување на причините за несреќата.
-На увидот присуствуваше и вешто лице од областа на сообраќајот, а според првичните сознанија до несреќата дошло при претекнување. Издадена е наредба за прибирање траги од лице место, за обдукција на телата на починатите, наредба за испитување на примероци од крв и урина од учесниците во несреќата, а ќе биде наредено и сообраќајно-техничко вештачење, се вели вчерашното соопштението од обвинителството.