Свет

Саудиска Арабија станува главниот американски сојузник надвор од НАТО

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го објави склучувањето на важен безбедносен договор со Саудиска Арабија, кој ги крева односите меѓу двете земји на ново ниво и го олеснува трансферот на оружје.

Објавата дојде за време на свечена вечера во Белата куќа со престолонаследникот Мохамед бин Салман, фактичкиот лидерот на Саудиска Арабија.

Според новиот договор Саудиска Арабија ќе добие статус на „главен сојузник надвор од НАТО“. Станува збор за формален однос кој ја продлабочува одбранбената соработка, но важно е да се напомене дека не ја вклучува безбедносната гаранција која ја имаат членките на НАТО. Со ова, Кралството се приклучува на групата од 19 други земји со ист статус, меѓу кои се регионални актери како Израел, Јордан, Кувајт и Катар.

Иако Саудиска Арабија е клучен сојузник на Соединетите Американски Држави на Блискиот Исток со децении, односите повремено се оптоварени со прашањата за човековите права, нафтената политика и односите со Израел. И покрај ова, Трамп ги направи односите со Ријад еден од своите приоритети во надворешната политика, посетувајќи ја земјата на своите први странски патувања во двата претседателски мандати.

„Посилен и поспособен сојуз ќе ги унапреди интересите на двете земји и ќе служи на највисокиот интерес на мирот“, кажа Трамп на вечерата.

Објавата дојде кратко откако престолонаследникот објави дека неговата земја ќе ги зголеми своите инвестиции во САД од околу 600 милијарди долари на речиси 1 трилион долари. Во исто време, договорот беше објавен откако Трамп го отфрли прашањето за убиството на колумнистот на Вашингтон пост во 2018 година, за кое ЦИА го сомничи Мохамед бин Салман.

„Денес е посебен ден“, кажа престолонаследникот на вечерата. „Сметаме дека хоризонтот на економска соработка меѓу Саудиска Арабија и Америка е поголем и поширок во многу области. Потпишавме многу договори кои можат да ја отворат вратата за подлабок развој (на односите) во многу области.“

Покрај олеснувањето на трансферот на оружје, договорот ја отвора можноста Саудиска Арабија да стане локација за складирање на американско оружје. Исто така, ќе му овозможува на Кралството да се натпреварува за договори со Пентагон за одржување и поправки и да купува муниција со осиромашен ураниум.

Меѓутоа, САД со договорот не се обврзани да ја бранат Саудиска Арабија во случај на напад, како што е случајот со членките на НАТО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons