Само 7% од корисниците склучиле договори со ЕСМ за парно
За една недела само седум отсто од корисниците на топлинската енергија на ЕСМ потпишале нови договори. Од компанијата која го презема бизнисот со парното греење во главниот град велат дека има само 3800 нови договори, а бројот на домаќинства – корисници е 56 илјади. Надлежните се свесни дека оваа нова обврска не им се допадна на граѓаните, па сега за поедноставување на процедурата од државната компанија решија примерок од договорот да постават на нивната веб страна за граѓаните да може да го симнат и да го достават на еден од трите пулта во Скопје.
„ Потрошувачите можат документот да го испечатат во два примероци и со документ за лична идентификација и претходна сметка да пристапи до пунктовите каде што ќе го потпише, а еден примерок ќе остане во снабдувањето“, вели Александра Маројевиќ, помошник-директор за топлинска енергија во АД ЕСМ.
На серијата поплаки од страна на граѓаните дека радијаторите и по 15ти октомври се ладни и не даваат доволна топлина, од ЕСМ велат дека испораката на топлинска енергија се одвива по строго утврдени правила.
„Дневен прекин се прави во овие периоди кога надворешните температури,при сончево и ведро време ведро време ќе достигнат 11 степени. Тогаш започнува прекинот на производство на топлинска енергија. Потрошувачите се уште добиваат топлинска енергија, онаа која веќе од топланите е испорачана во мрежа, која им ја овозможуваме со уште најмалку 1 час циркулација на пумпите. Ако времето е врнежливо или има облаци, таа граница е 14 степени“, додава Маројевиќ.
Според информациите триесетина објекти сѐ уште немаат парно, а причините се различни: или немаат струја за да може пумпите да работат, или подстаниците во зградите се заклучени од станари и немаат пристап надлежните или има дефекти во објектите. Од понеделник треба да се објават понудите на тендерот за природен гас кој ќе служи за производство на топлинска енергија.