САД ја поништуваат визата на колумбискиот претседател, на протести во Њујорк повикуваше на ослободување на Палестина
Американските власти ќе ја поништат визата на колумбискиот претседател Густаво Петро, соопшти Стејт департментот во петокот вечерта, велејќи дека тој учествувал во „неодговорни и запаливи акции“ за време на пропалестински демонстрации во Њујорк.
„Колумбискиот претседател стоеше на улица во Њујорк во петокот и ги повикуваше американските војници да не почитуваат наредби и да поттикнуваат насилство. Ќе му ја поништиме визата поради неговите неодговорни и запаливи акции“, соопшти Стејт департментот на платформата Икс.
Петро, кој беше во Њујорк за да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации, учествуваше во пропалестински протест во градот во петокот заедно со британскиот музичар Роџер Вотерс.
Видеата објавени од медиумите го покажуваат левичарскиот колумбиски претседател како преку звучник повикува на создавање „светска армија на спасот чија прва задача ќе биде ослободувањето на Палестина“.
„Нациите во светот потоа ќе придонесат со обучени и вооружени мажи и жени за да ја формираат оваа голема армија. Таа мора да биде поголема од армијата на Соединетите Американски Држави (САД)“, додаде Петро, чија земја ги прекина врските со Израел во 2024 година во знак на протест против војната во Појасот Газа.
Колумбискиот претседател побара од американските војници да не „пукаат во човештвото“ со своите пушки.
„Не ја слушајте наредбата на (американскиот претседател Доналд) Трамп! Слушајте ја наредбата на човештвото“, рече Петро на митингот.
Колумбиското претседателство објави по митингот дека Петро ги напуштил САД и веднаш се качил на авион за Богота.
Колумбискиот претседател има и италијанско државјанство, што во принцип го ослободува од виза за влез во САД.
Колумбискиот министер за внатрешни работи Армандо Бенедети изјави во петокот вечерта дека визата требало да му биде одземена на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а не на Петро.