САД: Од идниот месец наплата на неплатени студентски кредити
По долги години пауза, американската влада објави дека следниот месец ќе започне со собирање неплатени студентски кредити, вклучително и заплена на платите.
Мерката погодува повеќе од пет милиони луѓе кои не ги враќаат студентските кредити и дополнителни четири милиони со долго доцнење на отплатата, соопшти Министерството за образование.
Во 2020 година, за време на неговиот прв мандат, Доналд Трамп престана да го наплатува колосалниот студентски долг што оптоварува многу домаќинства, како дел од мерките за поддршка на американските потрошувачи за време на ковид пандемијата.
Мораториумот беше продолжен од претседателот Џо Бајден, кој постојано се обидуваше да избрише голем дел од студентскиот долг. Но, во 2023 година, Врховниот суд на САД, чиј ултраконзервативен состав беше формиран за време на претходниот претседателски мандат на Трамп, отфрли некои од овие мерки за олеснување.
Секретарот за образование Линда Мекмахон го оправда продолжувањето на наплатата на студентските долгови велејќи дека владата „нема уставно овластување да го отпише долгот“ и ги осуди „неодговорните политики на администрацијата на Бајден“.
Заинтересираните ќе добијат официјално известување преку електронска пошта во рок од две недели, соопшти Министерството за образование, во кое појаснува дека задржувањато на плати ќе започне во текот на летото. Наплатата ќе се врши и преку задржување на одредени социјални бенефиции и поврат на на даноци.
Најавата на Министерството за образование беше жестоко критикувана од Центарот за заштита на студентите должници, организација која ги застапува и брани лицата кои добиле студентски кредити. Мерката е брутална и ќе ги втурне работничките семејства во уште поголем финансиски хаос, се осудува во соопштението.
Во Соединетите Американски Држави, универзитетските студии може да чинат од 10.000 до 70.000 американски долари годишно, оставајќи ги дипломираните студенти со огромен должнички товар додека го започнуваат својот професионален живот. Според Министерството за образование, 42,7 милиони луѓе должат 1,6 трилиони долари студентски заеми.
Според Истражувачкиот центар Пју, секој четврти Американец помлад од 40 години должи во просек од 20.000 до 25.000 долари за студентски заем во 2023 година.